Националната галерија на Македонија, пред два дена (вторник, 28 декември) во просториите на Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ja отвори изложбата „Шаховски континуум” на Емилија Папафилипу.
„Шаховски континуум” е наслов кој доволно контемплативно и филозофски ја тангира природата на творечкиот ангажман на Емилија Папафилипу, инсталација која сериски се продолжува во неколку реизданија, секое посебно, но сепак врзано со основното начело на опонентот игра-борба; црно-бело; победа-губиток; рацио-ирацио; време-простор; излез-безилез; лавиринт итн.
Оваа инсталација која се состои од сосема едноставни елементи и медиуми создава мошне флагрантни визуелни доживувања, а самата во себе антиципира амалгам од арт елементи вклучувајќи простор, светлина, текстура, линија, кои иницираат хаотична хармонија, безредие во редот, фактографија на чувства и математичка систематичност кои пледираат целовитост и опстојност на авторската идиосинкразија и концептот за мрежно поврзување.
Емилија Папафилипу е родена 1961 во Асмара, Еритреа, Источна Африка.
Студирала на Високата школа за убава уметност (сликарство) во Атина и Њујорк Универзитетот (видео и нови медии) во Њујорк, со стипендија од Оназис Фондацијата и менторство (од страна на Питер Кампус, раководител на видео одделот) на Њујорк Универзитетот.
Изложувала на многубројни самостојни и групни изложби, меѓу кои: Национална галерија на Македонија, Мала станица, 2007, Скопје, „Ликовна колонија Галичник”, куратор Ана Франговска; „Меѓународно биенале во Панчево”, 2000, Панчево, Србија, куратори Светлана Младенов и Игор Антиќ; „Синопсис 1- Комуникации”, 2000, инаугурациона изложба на Националниот музеј на современа уметност, Атина, куратор Ана Кафеци; „Современа грчка уметност- три генерации”, 1998, Музеј на уметност во Тел Авив, Израел, Национална галерија – А. Суцос Музје, Атина, Грција, куратори Омер Мордечаи и Марина Ламбраки-Плака; „Културен дијалог”, 1995, Ерфурт, Германија, куратор Катерина Коскина; „Санат-техне”, Истанбул, Мимар Синан Универзитет, Музеј на сликарство и скулптура, куратор Ефие Струца и Берал Мадра; „Младинско медитеранско биенале”, Марсеј, Франција, 1990 и 1986 во Солун.
Ја претставувала Грција во 1991 на „Биеналето во Сао Паоло”, куратор Марија Марагу, во 2000 на изложбата „Европа постои”, куратор Харолд Шиман и Роза Мартинез и во 2002 на изложбата „Отворено” во Лидо, Венеција, куратор Лина Цикута.
Нејзините дела се наоѓаат во многубројни приватни и јавни колекции меѓу кои Европското Патент биро во Минхен и Оназис куќата на букви и уметности во Атина каде создала постојана скулпторско-утилитарна инсталација.
Предавала на постдипломските студии на Високата школа за Убави уметности.
Таа е активен член на бордот на директори на Научна Асоцијација на Оназис Фондацијата.