Македонскиот јазик одекна во Тирана – Свечено отворање на лекторат по македонски јазик, литература и култура во Албанија

Македонскиот јазик денес (18 јануари 2024) одекна од срцето на Тирана. На Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана повторно беше отворен Лекторатот по македонски јазик како дејност на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Скопје.

На свечената церемонија пригодни обраќања имаа ректорката на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” проф. д-р Биљана Ангелова, ректорот на Универзитетот во Тирана проф. д-р Артан Хоџа, директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ проф. д-р Кристина Николовска, деканката на Факултетот за странски јазици проф. д-р Есмералда Кромида и амбасадорот на Македонија во Албанија Данчо Марковски, а пристапно предавање имаше новоизбрана лекторка по македонистика во Тирана д-р Славица Свидерска.

Лекторатот по македонски јазик во Тирана се реактивира од 2015, по дејност од 7 години.

Радува големиот интерес на студентите од Универзитетот во Тирана за изучување на македонски јазик, литература и култура. По иницијатива на директорката Николовска, Лекторатот промотивно ќе одржува и бесплатен онјлан курс за сите студенти на Универзитетот во Тирана. Македонскиот јазик повторно ќе одекнува од училниците и амфитеатрите на Универзитетот во Тирана од 5 февруари, засега се пријавени 18 студенти кои ќе следат почетен курс по македонски јазик, а пријавувањето се уште е во тек.

Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова настанот го оцени како:

Чекор напред за развој на македонистиката во светот. Отвораме важна страница од големата мисија на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ преку повторно отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.

Од денес македонскиот јазик повторно ќе се изучува во Тирана, а македонистиката ќе се шири и расте од слушалните и амфитеатрите на Универзитетот. Очекуваме значаен подем за македонистиката во светот.

Отворањето на единаесеттиот лекторат по македонистика во светот – има извонредно значење за македонско-албанските високообразовни, научни и културни односи меѓу двете пријателски и соседни земји.

Денес ја славиме македонистиката и филологијата, нејзината безграничност, нејзината способност да отвора граници, дијалози, да започнува и овозможува соработки. Преку взаемни проникнувања откриваме богатства на други култури и контексти.

Посакувам Лекторатот по македонски јазик, литература и култура во Тирана да развие успешна и плодна македонистичка дејност, во духот на добрососедските односи и позитивни трендови на запознавање и зближување.“ – истакна ректорката на УКИМ Биљана Ангелова.

Проф. д-р Кристина Николовска, директор на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје истакна:

„Денес македонскиот јазик одекна од Тирана. Денес е празник на македонистиката на Универзитетот во Тирана. Денес македонскиот и албанскиот јазик – си подадоа рака и отворија мостови за високообразовна, научна и културно-дипломатска соработка меѓу две добрососедски земји и култури.

Денес е светол и голем ден за македонистиката во светот – Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ официјално отвора Лекторат по македонистика на Универзитетот во Тирана.

На овој свечен ден отвораме мост на синергија. Градиме мост од зборови и дела меѓу две култури.

Гордост, чест и радост – е да се говори на македонски јазик на Универзитетот во Тирана.

Денес подаваме рака – не само два универзитета, два јазика, туку и две соседни земји и две култури.

Мостуваме – а мостот е симбол на премин од минливост во вечност.“

Македонија и Албанија се среќаваат како културни и цивилизациски трезори на Европа, отворени за соработка и просперитет и преку мисијата на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

You May Also Like