На денешен ден: Роден е Спасе Куновски

На денешен ден (24 септември, 1929 година), роден е Спасе Куновски, во Дебар. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1953 година. Студиски престој имал во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска, Грција и др.

Член бил на ДЛУЈ, ДЛУМ и ДЛУПУМ, како и на ликовната група „Мугри”. Се занимавал со сликарство, опрема и илустрации на книги и со педагошка дејност. Работел како професор во средното училиште „Зефљуш Марку“, а потоа и на Педагошкиот факултет во Скопје.

Неговите дела се наоѓаат во повеќе јавни институции: музеи, галерии и кај приватни лица во Скопје, Белград, Загреб, Љубљана, Подгорица, Сараево, Ниш, Битола, Струмица, Штип, Куманово, Рим, Милано, Венеција, Фиренца, Њукасл, Торонто, Варшава, Сао Паоло и др.

Еден е од ретките фигуративци со надреалистички интерес кој ќе го истражува овој стил целиот живот, без големи скокови и трчање по трендовите што доаѓале преку тогашна Југославија од светот. Во овој стил тој успеал да ја најде својата база за изнедрување на сите потсвесни идеи, сеќавања, спомени, стравови, сфаќања за светот некогаш и сега, секако нудејќи и специфична опомена за светот утре…

Неговите дела биле презентирани на десет самостојни изложби, а учествувал на многубројни групни изложби во земјата и во странство.

Починал во Скопје, 1978 година.

You May Also Like