На денешен ден: Почина Глигор Чемерски

На денешен ден, на 2 април 2016 година во Скопје почина академик Глигор Чемерски, еден од најзначајните современи македонски уметници.

Академик Глигор Чемерски е роден во Кавадарци во 1940 година. Се школува во Скопје, Белград и во Париз. Завршил Академија за ликовна уметност и постдипломски студии во Белград. Во 70-тите години добива стипендија од француската влада, што му овозможува повеќегодишен престој во Париз.

Чест е гостин на француската престолнина, а во последните години стана еден од постојаните сликари на „Galerie du Fleuve“ во Париз. Други студиски престои: Египет, Грција, Италија, Шведска, САД. Како сликар, графичар и мозаичар Чемерски оствари повеќе монументални споменични, мозаички и сликарски дела во Скопје, Вруток, Кавадарци, Кочани.

Неговиот стил е инспириран од експресионизмот и иконите на православието. Познати се неговите слики за Свети Ѓорѓија и ламјата, Aвтор e на Споменикот на слободата во Кочани, на мозаиците во Стопанската банка во Скопје и во Хидроцентралата во Вруток, на сликарскиот триптих „Македонија“ во МАНУ.

Почнувајќи од 1959 година до крајот на шеесеттите години интензивно се занимава и со ликовна есеистика како еден од застапниците на уметничката слобода и интелектуалната победа на повоената модерна. Антологиски есеј му е „Жива Византија“, 1977 година. Добил голем број најзначајни признанија и награди за своето творештво, од кои последната е Гран при на третиот „Зимски салон“ во Скопје, 1994 година.

You May Also Like