Во едицијата „Современа македонска поезија“ на издавачката куќа „Галикул“ од Скопје, неодамна излегоа од печат новите поeтски книги на Јовица Тасевски – Етернијан и Винета Огненоска, кои претставуваат вреден прилог во најновата објава на македонското поетско творештво.
Книгата под наслов „Исход“ на Етeрнијан донесува триесетина нови песни, концепциски организирани во седум циклуси што проблеснуваат со високи естетски досези и нагласена интелектуална длабочина. Во препораката за оваа книга, поетот и универзитетски професор Владимир Мартиновски истакнува: „ Уште со песната „Распетие“, збирката „Исход“ нè соочува со навидум оксиморонската синтагма („прекрасно страдање“), која го тематизира творечкиот чин: распнат и овенчан со „ловор и трње“, лирскиот субјект пее, страдајќи и крварејќи. Но исходот од тоа „прекрасно страдање“, кое се продлабочува со секоја нова палимпсестна песна од оваа стихозбирка, не е само свеста за тегобите, траурните аспекти на човечкиот живот, неретко нотирани преку профетски интонираниот лирски глас или преку вешто вткаените aлузии. Исходиштето т.е. „епилогот“ е резервирано за сознанието дека сепак; дојде време да нè облее светлината / што сржта ја возбудува (…) време / за убав пресврт! “.
Во кусите поговорни текстови, пак кон стихозбирката „Долгото погребување на еден кловн“ од Винета Огненоска, и Јасна Котеска и Владимир Јанковски подвлекуваат дека „станува збор за зрела, интимна и искрена поезија, со кондензирани пораки, што се читаат во еден здив и долго време се резонираат кај читателот. Тоа е поезија на навидум мирното, но всушност крајно драматично преиспитување на љубовта, партнерството, верноста, пријателството, вознесот, мечтата, загубата, отуѓувањето, себепоништувањето, смртта, а пред сè на меланхолијата и чуството за минливост на сè постоечко“ (Котеска), оттаму „Огненоска е поетеса која ја сака иронијата; таа истовремено има и поклонички, но и ироничен однос кон самиот чин на пишување и создавање. Нејзиниот јазик е современ, динамичен и урбан… (Јанковски).