На денешен ден: Почина Георги Божиков

На денешен ден, 21 ноември 1986 година во Скопје, починал Георги Божиков, истакнат македонски оперски уметник, првенец на Операта при Македонскиот народен театар. Роден бил во Петрич, во 1931 година.

По завршувањето на музичката академија, Божиков станал член на Софиската опера. Од 1966 до 1968 година настапувал во Загрепската опера. Во 1969 година ја добил наградата „11 Октомври“. Како солист-првенец на МОБ, Божиков одиграл околу 40 улоги, а од 1977 до 1983 година бил директор на Операта.

Додека ја вршел оваа функција било отворено оперско студио од кое подоцна произлегле многу солисти, а бил дооформен и хорот на Операта. Исто така, Божиков настапувал и како концертен и ораториумски пејач. Во својата кариера, тој пеел на сите сцени во СФРЈ, а настапувал и на повеќе сцени во светот. За потребите на Македонското радио снимил околу 80 дела, претежно од македонски автори.

На 22 ноември 2016 година, во МОБ била отворена изложба со наслов „од уметничкото делување на Георги Божиков“ и била претставена монографијата „Жоро – Уметничкиот пат на Георги Божиков – бас“, дело на Снежана Анастасова-Чадиковска.

You May Also Like