Македонскиот павилјон „Оваа зграда зборува (на) вистина” добитник на „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале 2019

Македонскиот павилјон со наслов „Оваа зграда зборува (на)вистина” на вчерашното доделување на наградите на Прашкото Квадриенале за перформанс дизајн и простор (6-16 јуни 2019 година) ја доби главната награда „Златна Трига“ која се доделува за најдобра изложба и претставување на оваа манифестација.

„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е дело на уметникот Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева, продуцирано од Музеј на град Скопје и неговата директорка Фросина Зафировска и беше во конкуренција со 79 земји од светот.

Интернационалното жири гласаше во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело – вкупно 28 награди.

Жирито на Прашкото квадриенале во 2019 година се состоеше од Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли.

Наградата ја дизајнираше архитект Петр Бакош. Според статутот на ПК, наградите ги доделува чешкиот Министер за култура по препорака на меѓународното жири, со исклучок на ПК Младинска награда, која директно ја доделува младинската публика.

Објаснувањето на жирито за престижната награда за „Оваа зграда зборува (на)вистина“ вели: „Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст. Златната Трига оди кај Р.С. Македонија.

You May Also Like