За уметничката Калина Брајковска критиката вели дека со радост им пркоси на обликот и формата. Горјан Ѓорѓиев за нејзината поставка „Зад виножитото“ ќе рече оти главен нејзин сегмент е полната колоритна линија која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото… Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури.
Изложбата на дела на Калина Брајковска насловена „Зад виножитото“ ќе биде отворена денес (петок, 10 август) во Центарот за култура „Григор Прличев“.
„Сликата сама по себе носи симбол и знак кој означува различни типови на знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодвествува на идејата дека уметницата е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор.Таа е свесна дека сликата е видлив израз во кој треба да се открие длабочината на душата отелотворена во личната уметност. Сликите претставуваат апстрактни одеци кои постануваат интересно искуство на време, настан и чувствување… Изразот не го поврзува гледачот со совршенството туку со отворените феномени што влегуваат во визуелната уметност. Ведрината, упорноста и квалитетот на ликовниот израз на Калина остава длабок впечаток. Моја искрена препорака до публиката е – Погледнете убаво… има што да се види! “, вели Ѓорѓиев.
Калина Брајковска, дипломирала на Филозофскиот факултет на отсек историја на уметност со археологија. Живее и работи во Скопје, се занимава со применета уметност (дизајн) и сликарство од мала возраст. Реализирала повеќе изложби од кои позначајни се: групна изложба во галеријата на НЛБ Банка, дизајн на парчиња облека на неделата на дизајн во Куршумли Ан – Скопје, изложба во фоајето на МКЦ Скопје, изложба на саемот за дизајн во Торино (Дизајн на парчиња облека), самостојна изложба во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, самостојна изложба во кафе – галерија Концепт 37 – Скопје.