Утре вечер, 17.11.2023 (петок), со почеток во 18 часот, во Македонскиот Културен Центар во Истанбул, ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот скулптор и професор на ФЛУ, Исмет Рамиќевиќ насловена „Деструкција/Оган“.
Рамичевиќ е автор кој е неколку децении присутен на македонската и меѓународната ликовна сцена. Тој е препознатлив со своите скулпторски интердисциплинарно-интерактивни проекти, кои преку нагласената ангажираност имаат единствена цел да бидат глас на отпорот за актуелните процеси на светската општествено – политичка сцена. „Деструкција/Оган“ всушност претставува дел од деценискиот циклус „Деструкција“ којшто обединува седум самостојни и три групни изложби кои го рефлектираат комплексниот мултмедијален пристап.
Носечки елемент во актуелниот проект се скулптурите/објектите, музиката и перформансот. Објектите се примери на оружја од различни временски периоди, почнувајќи од праисторијата па сѐ до поjавата на куршумот. Специфичната поставка на оружјата (боздогани, секири, сабји и мечови), кои се перфорирани и изработени од различни материјали, ќе бидат композициски кружно поставени околу централниот објект, куршумот. Тоа индицира на развојната линија на милитантната свест на општеството кое кулминира со се позастрашувачки и поразорни оружја кои водат неминовно кон крајна дехуманизација на човештвото.
Ваквата деструктивна природа на човекот е надополнето со видео-перформанс, кој во интеракција со објектите, укажува на мултиплицирање на деструктивната моќ поврзана и со уништувањето на природата како последица на војните. „Оган“, претставува кулминација на деценскиот циклус кој е создаван врз постулатите на протест-артот. Како и претходните, така и во овој проекти, сегментите на оружјата авторот ги уништува и ги трансформира во музички инструменти. Во случајов тоа е окарината на која тој самиот свири. Трансформацијата во музички инструмент ја постигнува преку перфорација на оружјето, со што добива нова, симболичка реалност, како што забележува Маја Неделкоска Брзанова, која никогаш не престанува да бара нова интерпретација и реинтерпретација.
Во неговото дело секој сегмент реферира на нагласен критички однос, чин на отпор, неопходен за подигнување на колективната свест и опстојување на човечката цивилизација
Исмет Рамиќевиќ e познат македонски вајар. Роден е 1960 година во с. Дубница, Сјеница, Србија. Дипломирал во 1984 година на ФЛУ во Скопје, оддел скулптура, во класата на проф. Петар Хаџи Бошков. Член е на ДЛУМ; од 1987 година. Работи на ФЛУ како редовен професор по вајарство.
Има реализирано 18 самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Њујорк, Пловдив итн., како и бројни групни изложби. За своето творештво тој е добитник на повеќе награди меѓу кои му е најзначајна наградата „Св. Климент Охридски“.