Утре се одржува првиот поетски слем во Струмица

Утре (сабота, 14 јуни), со почеток во 20:00 часот, во Малиопт градски парк за првпат ќе се одржи поетски слем во Струмица.

Настанот е организиран од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, македонската поетеса и слем победничка за 2014та, Афродита Николова, и поетот Митко Гогов којшто го донесе движењето 100 000 поети за промена во Македонија.

Годинава, по трет пат се одржа поетски слем за Македонија и соседните балкански земји, во Прилеп по иницијатива на Игор Трпчески, Елена Пренџова и Катерина Батаклиева.

За учество на поетскиот слем ви треба песна и волја истата да ја интерпретирате во рок од три минути. Волонтери од пулбиката одлучуваат за најомилените поетски изведби. Пред настапот предвидени се:

• отворена работилница „Петни жили“ за поетска изведба и значењето на слемот, со Афродита Николова за кој таа вели дека ја носи:

„Тежината што притиска во срцето на зборовите и допира до нас со тахикардијата на јазикот: симболите, римите и ритамот. Онаа тишина што, кога ќе ни надојде, ни иде да викаме од петни жили“.

• Акапела изведба од специјален гостин на вечерта, раперот Кискин од групата „Дивизија“ чијшто албум „Втора шанса“ неодамна собра позитивни критики на македонската сцена. На прв поглед допирните точки на поезијата и рапот излгедаат чудна ствар. Но, Кискин во една своја песна рапува:

„Чудна ствар е како егото и небото во рима ќе се вклопат, а се без заемна точка“.

Поетскиот слем се состои од поетска изведба која се потпира на звукот на песната и вештините на самиот изведувач. Слемот често обработува оштествено значајни теми, и е еден вид субкултура, која во светски рамки зема замав од крајот на 20от век. Во Македонија слемот за првпат дојде во 2010 година со работилниците од германскиот поет Михаил Абдулаи.

извор: strumicaonline

You May Also Like