„Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско – херцеговски автори“ од колекцијата на НГМ во Чифте амам

На 17 октомври 2018 година (среда), во објектот Чифте амам, во 19 часот ќе се отвори изложбата со наслов „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско – херцеговски автори“ од колекцијата на Националната галерија на Македонија која е дел од одбележувањето на јубилејот „Седумдесет години Национална галерија на Македонија”.

Изложените дела припаѓаат на таканаречената „Југословенска збирка” чија историја е тесно поврзана со историјата на Националната Галерија на Македонија. Формирањето на збирката почнало во првите години од основањето на галеријата, а временскиот период на создавање на делата се движи од почетокот на XIX до средината на XX век.

На изложбата ќе бидат презентирани околу 110 ликовни дела (слики и скулптури) од колекцијата на Националната галерија на Македонија. Изложбата на љубителите на уметноста им дава општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и вајарството создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско и херцеговски автори, обработени и претставени според нивните временски и стилски карактеристики.

Ќе бидат претставени најзначајните имиња на сликари и вајари од поранешните Ју-републики (Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ, Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ – Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Антун Августинчиќ и др.) чие творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавање на современиот модерен ликовен израз.

Во деветнаестиот век уметноста доживува силен подем на овие простори. Односот меѓу црковното и граѓанското сликарство почнува да се менува. Најзначајните сликари од овој период кои истовремено се застапени во нашата збирка се: Павел Ѓурковиќ, Константин Данил, Никола Алексиќ, Новак Радониќ, Стеван Алексиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Влахо Буковац, Целестин Медовиќ и др.

Во првата половина на XX век на целиот простор се појавува стремеж за надминување на разликите меѓу „старото конзервативно“ и „новото модерно“ сликарство, помеѓу „академизмот“ и „современите тенденции“. Притоа процесот на модернизацијата бил поттикнат главно од импресионистичките импулси како во Хрватска, така и во Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Овој период го одбележуваат авторите: Мирослав Краљевиќ, Рихард Јакопиќ, Матија Јама, Матеј Стернен, Милан Миловановиќ,Коста Милиќевиќ, Надежда Петровиќ, Сава Шумановиќ, Петар Лубарда, Јован Бјелиќ, Милан Коњовиќ, Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Крсто Хегедушиќ и др.

Ќе биде презентиран и дел од оригиналните архивски материјали поврзани со збирката во периодот од 1948 до 1956 година, со што публиката ќе може да се информира за тимот кој ја водел тогашната Уметничка Галерија  (Борко Лазески, Никола Мартиноски), туку и за државните институции кои ја поддржале оваа акција и придонеле НГМ да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија.

На отворањето ќе се обратат директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Словенија во Македонија, Н.Е. господинот Милан Јазбец и академикот Газанфер Бајрам.

Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Славица Алексоска. Истата ќе биде поставена до 18 ноември 2018 година.

You May Also Like