„Фани мани“ на репертоарот на Театар 007

Од ноември 2011 година, како дел од редовниот репертоар на независната театарска сцена ТЕАТАР 007, ќе биде култната комедија „ФАНИ МАНИ“ од Реј Куни, а во режија на Коле Ангеловски.

По пауза од речиси 5 години, љубителите на мајсторските комедии повторно ќе имаат можност да уживаат во несекојдневните ситуации и комични сплетки од претставата „ФАНИ МАНИ“, овој пат како дел од репертоарот на ТЕАТАР 007, кој работи во рамките на УНИВЕРЗАЛНА САЛА – Скопје.

Оваа претстава чија премиера беше пред безмалку 10 години и во продукција на приватниот театар на комедијата „Истриони“ се уште е голем предизвик за македонската публика. Хуморот и најразличните комични ситуации во оваа претстава, веќе 10 години успешно ги споделуваат со публиката доајените на македонското актерско небо: Благоја Чоревски, Марија Кондовска, Владимир Ангеловски, Катерина Коцевска, Ванчо Петрушевски, Лазе Манаскоски, Димче Мешковски.

ТЕАТАР 007, како независна продукција која работи во рамките на Универзална сала – Скопје, со оваа претстава уште еднаш ја потенцира важноста за постоењето на независните театарски продукции во Македонија, кои се мета на многубројната публика. Претставата „ФАНИ МАНИ“ ќе биде само уште еден сегмент од различноста која ја нуди репертоарот на ТЕАТАР 007, покрај веќе постоечките „Магија еделвајс“ од Дејан Дуковски, „Игра“ од Данил Хармс, „Ќелавата пејачка“ од Е. Јонески, „Отпушоци“ од Н. Аманити и првата УВ претстава за деца „Сината птица“ од М. Метерлник. ТЕАТАР 007 неуморно работи за развојот на независната театарска сцена во Македонија и со овој чекор ги најавува и идните нови соработки со гости режисери, актери и претстави.

Официјалната премиера на претставата „ФАНИ МАНИ“ на редовниот репертоар на ТЕАТАР 007, ќе биде соопштена на официјална прес конференција, за која дополнително ќе Ве известиме.

You May Also Like