Во организација на Националната установа Фестивал „Охридско лето“ по повод празникот Божиќ, утревечер (петок, 6 јануари 2012 година), во просториите на фестивалот, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена тематската изложба „Металната опсесија” со уметничките креации на охриѓанецот Анастас Дудан.
„Металната опсесија“ на охриѓанецот Анастас Дудан
Вештината да се презентира уметничкиот израз на металната подлога во охридскиот културен ареал е стара повеќе од 2600 години.
Луѓето од „Требенишкиот“ културен круг, уште во шестиот век пред Христовата ера, со особена инветивност создавале дела, кои денес ги возбудуваат консументите на уметничките дејства што зрачат од старите експонати. Охриѓанецот Анастас Дудан со своето “метално” творештво, реминисцентно ги оживува старите творби, трудејќи се да ја достигне идентичноста на уметничките вредности на старите мајстори.
Неговата појава како автор на уметнички дела, изразени на метал, не е единствена во Охрид, но затоа, пак, тој единствено постигнува тематски особини резултати со „обновување“ на исклучителните вредности од македонското средновековно иконописно милје, пренесувајќи ја идентичноста на делата преку ковање и исчукување на металните основи. Завидни резултати Дудан постигнува, особено, пренесувајќи го своето технолошко знаење при обработката на орнаменталните украси, со какви се закитени средновековните икони од познатата Охридска колекција и исто така пресоздавајќи ги илуминаторните уметнички вредности, познати од старомакедонските ракописни творби, со творечка вредност, која новото дело го презентира преку својата креативна душа.
Со истиот занес, кој подразбира не само творечки порив, туку и особено изнегувано чувство за моделирање, пластичност, минуциозна графичност и неверојатна смисла за композициски распоред на елементарната суштина на делото, Дудан изработува метални драгоцености за разни намени во профаните и сакралните сфери. Украсните метални корици за Евангелијата и секаков друг вид старо ракописни опремувања му се исклучително омилени предмети за креативна изведба.
Така, овој Охридски автор, ненаметливо, кротко, но со изразена упорност и настојчивост ќе влезе и третиот милениум, носејќи ги во иднината, во своите инспиративни и творечки пазуви знаењата и вештините, традиционалните теми и опсесии на старите мајстори, не само од охридското занаетско – уметнички круг, туку и од сите создавачи на вакви дела од македонските простори.
Паско Кузман
Анастас Дудан веќе неколку години настапува како единствен претставник на применетата уметност во Р.Македонија што се занимава со обработка на метал врз основите на средновековната култура и уметничка ризница на Охрид. Во новиот бран на интерпретација на фрескоживописот, иконописот и градителската уметност на старите уметнички трезори поврзан со обновувањето на христијанските споменици, не беше застапена само ликовната обработка на металот.
Денес во личноста на машинскиот инженер Анастас Дудан се обновува една дејност чиј континуитет во религиозната тематика мислевме дека е веќе заборавена. Во тој поглед Анастас Дудан е првиот творец што се придржува кон генерацијата нови зографи и резбари со кои охридскиот регион и во 20 век се појавува како носител и чувар на нашето наследство од духовниот центар на Св.Климент.
Академик Проф. д-р Цветан Грозданов
________________________________________
Анастас Дудан инаку е роден 1958 година во Охрид, а по професија машински инженер. Работел 10 години како технолог на производи од обоени метали. Со бакар, сребро, злато, месинг работи од 1986 година. Член на ДЛУПУМ.
Добитник на две награди:
– 1996год. избор на сувенир на град Охрид, техника посребрен бакар.
– 1998год. во КИЦ – Скопје, за работа во бакар.
Групни изложби:
– 1998год. КИЦ – Скопје
– 2002год. Букурешт – Романија
Самостојни изложби:
– 1998год. Охрид, црква Св.Никола Болнички
– 1998год. Скопје, КИЦ
– 1999год. Охрид, црква Св.Никола Болнички
– 1999год. Скопје, КИЦ
– Август 2000год. Охрид
– 2001год. Струмица
– 2002год. Белград, Зрењанин, Лесковац