Денеска (26 мај, недела), со почеток во 20.00 часот на сцената во Македонската опера и балет ќе се изведе операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети.
Лучија од Ламермур е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го пишува либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Оваа опера е една од водечките белканто опери во светската оперска литература. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.
Диригент на претставата ќе биде Оливер Балабурски, режија и сценографија на Лев Пулиезе од Италија, костимографија Марија Пупучевска и концерт мајстор на претставата ќе биде Верица Ламбевска.
Во насловната улога на Лучија ќе настапи сопранот Марија Грациа Скиаво од Италија, како Енрико ќе го видиме баритонот Џанфранко Монтрезор од Италија, Едгардо ќе е тенорот Ѓорѓи Цуцковски, Артуро ќе биде тенорот Марјан Николовски, во улогата на Рајмондо ќе го видиме басот Владимир Саздовски, мецосопранот Марика Поповиќ ќе ја толкува улогата на Ализа и улогата на Нормано ќе ја изведе тенорот Дејан Стоев.