Деновиве, издавачкиот центар ТРИ го објави возбудливиот трилер „Играта на филозофот“ на австралискиот автор со македонско потекло, Стив Јовановски.
Ова е втор роман на овој перспективен книжевен автор, напишан во Мелбурн, а инспириран од едно патување во Франција. Стив Јовановски е креативен автор со голема имагинација, кој континуирано патува и истражува, и кој иако млад, веќе искусно твори, создавајќи романи кои предизвикуваат голем интерес кај читателите.
Главниот лик во романот, Џулијан, живее монотон живот како професор по филозофија. Животот не му се одвива според плановите, и набргу сфаќа дека единствениот спас од здодевното постоење се интелектуалните дебати што се одвиваат за време на неговите предавања. Еден ден, добива мистериозен имејл што му ветува промена – нешто по што копнее одамна. Од него се бара само да ја игра Играта, според нејзините правила.
Но Џулијан набргу дознава дека ако се прекршат правилата, следува казна. Околу него се случуваат убиства, и наскоро животот му е загрозен. Тој открива дека зад сето ова стои тајната организација наречена „Друштво на филозофите“. Вовлечен во играта, заедно со една од своите студентки, Изабела, тргнува во разоткривање на мрачните тајни на ова опасно друштво.
Стив Јовановски е роден во Австралија. На едногодишна возраст неговите родители се враќаат во Македонија, за да, по десет години, повторно се преселат во Мелбурн. Животот во Австралија не е лесен, уште од мал хонорарно почнува да работи, но сите тие маки и тешкотии, кај него ја разгореле желбата за напредување и знаење. Тој сега е автор кој континуирано чита и пишува. Досега има напишано четири романи. Денес работи како како специјалист за информациски технологии, опслужувајќи речиси дванаесет илјади вработени. Често ја посетува Македонија и од неа црпи инспирација за своите дела.