На денешен ден (13 март 1907 година), во Велес, роден е Петре Прличко, еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер.
Бил припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци и живеел од и со македонското театарско, филмско, радиодрамско и телевизиско творештво, оставајќи зад себе многубројни главни улоги.
Од 1939 година членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 година во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.
Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров) и други.
Во една прилика Петре Прличко изјави дека сепак ако мора да избере една улога како најдрага тоа секако ќе биде „Манданата“ т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.
Починал во Скопје, на 16 ноември 1995 година.