Секоја генерација има своја борба

Уште неколку дена ќе прославиме 20 години самостојна суверена држава Македонија. Но, не секогаш иднината на ова парче земја го кроеле самите нејзини жители.


За време на пет вековното турско ропство Македонците биле цел на секојдневни тортури. За ова сведочат голем број светски весници меѓу кои и австралискиот The Advertiser кој во статија од 14 јануари 1897 година со наслов “Македонија, турски ѕверства” пишува:

“Сеуште пристигнуваат извештаи за распространетост на немирите во Македонија. Турски војници опустошуваат села и брутално извршуваат срамни дела на лица од двата пола и сите возрасти.”

Во австралискиот весник The Brisbane Courier во статија со наслов “Ситуацијата во Македонија, турски ѕверства” од 9 февруари 1903 година пишува:

“Бегалци од 36 македонски села раскажуваат ужасни приказни за измачувања, грабежи, и нарушувања на кои луѓето од селата биле подложени од страна на турските војници.”

Истиот весник во статија со наслов “Револт во Македонија, турските злосторства” од 6 октомври 1903 година, ситуацијата во Македонија ја опишува и визуелно.

“Горе прикажаната слика земена преку размена од Англија, е типична сцена на крвопролевања и силувања, какви што во пораки до нас од Блискиот Исток се содржат многу страшни примери.”

Сепак и покрај овие долгогодишни тортури врз Македонците во минатото тие не ја заборавиле и не се откажале од својата национална, јазична и културна засебност и уникатност. И покрај секојдневните мачења тие пожртвувано и храбро се бореле и го положувале својот живот за создавање на слободна македонска држава.

За разлика од тоа време Македонците денес ниту се цел на тортури, ниту пак мора да се борат за политичко ослободување, затоа најголем срам за оваа генерација која безмалку 20 години живее во своја суверена самостојна држава ќе е да се согласи на промена на вековното име – Македонија. Зарем ќе дозволиме саможртвата на нашите предци да биде залудна.

Александар Стеванов

You May Also Like