Гане Тодоровски е еден од великаните на македонската литература во 20-тиот век. Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката, го вбројуваат помеѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови, но и во светот.
Автор е на импозантно литературно дело во две магистрални насоки: автентично литературно писмо, кое се остварува во доменот на поезијата и во областа на историјата на книжевноста, критиката и есеистиката. Академик Тодоровски е автор на 12 книги поезија, кои оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература.
Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик и добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ – Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ – ДПМ, „Димитар Митрев“ – ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.
ГАНЕ ТОДОРОВСКИ
НАШИНСКА
Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –
Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –
Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –
Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!