Во катедралната црква Св. Софија во духот на италијанската класика заврши 52-то издание на нашата најреномирана музичко- сценска манифестација, Охридско лето. Публиката час и половина уживаше во изведбата на италијанските уметници Енрико Диндо на виолончело и Моника Катароси на пијано кои се претставија со дела од Шуберт, Капустин и Шостакович.
Изминаа 40 денови во кои Охрид уште еднаш беше храм на уметноста, а Македонија културна престолнина за домашната и пошироката јавност.
– Морам да признаам дека публиката комплетно уживаше во сето она што го понудивме од организациски аспект. Доказ за тоа се стоечките овации и бурните аплаузи на посетителите, додека како фидбек ументиците секогаш имаа по некој бис плус. Морам да напоменам дека буквално за сите музички вечери се бараше карта повеќе, а како ноќи за паметење би го издвоила настапот на Мишел Камило, врвните 2 Челос, проектот на легендарните Леб и Сол со Музичката младина на Македонија, словенечкиот, но светски хор Перпетуум Џезиле на кој настап на Античкиот театар немаше место ниту за стоење. – изјави селекторката на музичкиот дел на фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.
Ние навистина уживавме во вечерашново впечатливо и неповторливо музичко доживување.Особено ни се допадна изборот на класични дела, а со оглед на акустиката во оваа црква секој музички евент е посебно доживување. Ако направиме една ретроспектива на изминатите фестивалски вечери меѓу првите би ги рангирал двата хорови- словенечкиот Перпетуум Џезиле и домашниот Св. Климент Охридски од Скопје – велат посетителите, познавачи и љубители на музичката уметност.
-Како редовен посетител на драмскиот дел особено сум задоволен од изборот на претставите и сите театарски куќи кои гостуваа во Охрид. Како највпечатлива би ја издвоил последната претстава насловена ,,Декамерон” која е копродукциски проект на МНТ и Театарот за деца и младинци од Скопје. Додека од странските најмногу ми се допадна Крвава свадва во изведба на театарот ,,Паскал кoмпани” од Лондон – беше коментарот на Благој Јуруковски, љубител на театарската уметност од Охрид.
Дирекцијата на фестивалот Охридско лето уште еднаш докажа дека оваа манифестација навистина го заслужува епитетот најреномирана, а селекцијата на врвните имиња од музичката и драмската елита публиката го прими со најголемо задоволство и пиетет кон нивната уметност.
Ивана Чичоска