Московската организација на Сојузот на писателите на Русија во рамките на Деновите на македонската поезија во Москва, од 1 до 3 октомври, на македонските поети Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски и Славе Ѓорѓо Димоски ќе им врачи високи книжевни ордени.
На Санде Стојчевски и Славе Ѓорѓо Димоски ќе им биде врачен Орденот „Златна есен – Сергеј Есенин“, а на Бранко Цветкоски – Одренот „Михаил Јуриевич Лермонтов“. Во образложението на Московската организација на Сојузот на руските писатели се вели дека ордените им се доделуваат за „висок придонес во тековите на светската поезија“.
На македонската книжевна вечер што ќе се одржи во Москва ќе бидат промовирани поетските избори од тројцата македонски поети кои се појавија во московската издавачка куќа „У Никитских ворот“, при што ќе говорат угледни руски критичари и писатели, а во рамките на вечерта ќе биде претставена и улогата и значењето на Струшките вечери на поезијата во современиот поетски свет, за што ќе се произнесе директорот на СВП Мите Стевовски.
Како што е познато тројцата македонски поети кои се носители на врвни книжевни награди во Македонија и се преведувани и издавани на повеќе светски јазици со овие признанија и со новите книги на руски јазик ја надградуваат сопствената меѓународна афирмација и афирмацијата на современата македонска поезија во Русија и во пошироки рамки.