Промоција на книги во Словачката амбасада

Утре вечер (вторник, 11 септември 2012 година) со почеток во 20:00 часот во Словачката амбасада во Република Македонија ќе бидат промовирани научниот труд „Македонско-словачки компаративни согледби (студии и интерпретации)“ од  Звонко Танески, како и романот „Патагонија“ од словачкиот автор Душан Митана, чиј превод е исто така дело на Танески.

Издавач на компаративната студија е Институтот за македонска литература од Скопје. За книгата ќе зборуваат директорката на Институтот – проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, како и проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер.

На промоцијата уште ќе биде претставен и романот „Патагонија“ од словачкиот автор Душан Митана, чиј превод е исто така дело на Танески. Издавач на преводот на овој култен роман од корпусот на современата словачка литература на македонски јазик е културната установа „Блесок“ од Скопје. Пригодна реч за изданието ќе одржи проф. д-р Елизабета Шелева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а одломки од романот ќе прочита Сузана Тодоровиќ. Промоцијата ќе ја прогласи за отворена н. е. амбасадорот на Р. Словачка во Македонија – д-р Роберт Кирнаг.


Звонко Танески работи како доцент на Факултетот за странски јазици при ФОН Универзитетот во Скопје, а досега има објавено голем број научни трудови и книжевни преводи. За својата научна и уметничка дејност е носител на повеќе награди во Европа. Тој е првиот Македонец кој го одбрани својот докторат на реномираниот Филозофски факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава. Таму професорот Звонко Танески работеше и како прв лектор по македонски јазик, а истата функција ја извршуваше четири години и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Во декември 2011 година му беше доделен и високиот научен степен IIa (самостоен научен истражувач) од страна на Словачката академија на науките. Наскоро се предвидува и промоција на други две понови дела, произлезени од научната и преведувачката работилница на Танески, кои досега не `и беа презентирани на македонската културна јавност.

You May Also Like