На свечена церемонија во Московската градска организација на Сојузот на руските писатели на денеска на Бранко Цветкоски ќе му биде врачено големото меѓународно книжевно признание „за видни заслуги и постигнувања во развитокот на светската литература” .
Истиот ден, Цветкоски во својство на директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци” од Скопје, на покана од Серуската државна библиотека за меѓународна литература „Рудомино” ќе оствари работна средба со директорката на библиотеката Е. Гениева, при што ќе бидат разгледани и прецизирани деталите за отворање библиотечни катчиња за македонската книга во таа московска библиотека и соодветно руска читална во библиотеката на македонскиот главен град.
Изборот од поезијата на Цветкосвки со наслов „Свијок” била и повод познатите руски поети и критичари В.Сорокин, С.Есин и М.Замшев да ја поднесат номинацијата на нашиот поет за ова престижно руско признание што го носи името на еден од најголемите и најпопуларни руски поети на дваесеттиот век – Сергеј Есенин. Инаку орденот е втор голем гест на руската литература и на руските писатели кон Бранко Цветковски, откако минатата година му беше врачен Орденот „Владимир Мајаковски”.
Цветкоски е автор на дваесеттина книги поезија, литературна критика и есеистика, и на над триесетина книги со преводи од словенските јазици. Тој е еден од најафирмираните македонски поети, добитник на бројни македонските книжевни и државни награди, меѓу кои и на „Млад Борец”, „Браќа Миладиновци”, „Григор Прличев”, „Димитар Митрев” и, како и на меѓународните – „Христо Ботев” (бугарска меѓународната награда за творечки опус), „Наџи Нааман” (либанска меѓународна книжевна награда за поетски опус од европски автор), како и на Европски орден на Обединетите Нации, за заслуги во културата и уметноста, Орденот „Владимир Мајаковски”, на главната награда Големо Летечко перо, на Петтиот фестивал на поезијата од словенските земји во Варна.