„Деца на сонцето“ ќе биде претставен на Скопскиот филмски фестивал

Новиот македонски филм „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески, чија постпродукција е при крај, ќе биде ексклузивно претставен на 17. Скопски филмски фестивал, кој трае од 23 до 30 април.

Во траење од 15 минути, како своевидна најава за она што публиката може да го очекува од септември, публиката ќе може да проследи еден дел од оваа современа урбана приказна, кои ќе бидат прикажани на затворањето на фестивалот, на 30 април.

На годинешниот фестивал предвидено е да се одржат и една трибина и предавање. Трибината која носи наслов „Револуцијата е мртва! Да живее револуцијата!“ како повод ќе го искористи филмот на Лукас Мудисон „Ние сме најдобри“, кој е вклучен во Главната програма и кој ќе се прикаже во сабота (26 април) во 18 часот во киното „Милениум“. Во соработка со членовите на „Хип Хоп Македонија“, нејзиното одржување е закажано за 18 часот во понеделник (28 април) во киносалата на Кинотеката на Македонија.

На 29 април во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА македонскиот режисер Иво Трајков ќе одржи предавање насловено „Анализа на драмската структура и изградба на ликовите како основа за филмска нарација“.

You May Also Like