Вчера (30 мај), во Домот на културата во општина Илинден се одржа големиот поетски митинг „Ветерот донесе убаво време“ кој претставуваше и централен дел на овогодинешното издание на литературната манифестација „Илинден“.
На поетскиот митинг, пред многубројната публика беа промовирани најновите поетски книги на младите македонски поети: Звонко Танески, Марта Маркоска, Винета Огненоска, Искра Донева, Мане Манушев, Славица Гаџова, Марина Мијаковска, Ѓоко Здравески, Елена Пренџова и Иван Антоновски – автори со кои, како што истакна и промоторот проф. д-р Кристина Николовска – младата поетска Македонија има тим од прва лига!
На свеченоста, свое поздравно обраќање имаше и градоначалникот на општина Илинден и покровител на манифестацијата, Жика Стојановски, кој искажа големо задоволство што главни протагонисти на овогодинешното издание на литературната манифестација „Илинден“ се овие млади македонски творци – млади виртуози на речта кои, како што констатира и проф. д-р Николовска, го сочинуваат поетскиот тим со кој заживеа културниот живот кај нас, кој веќе нè претставува во светот. „Токму со овие десет поетски „прсти“, Македонија може да се пофали дека „дланките“ на успехот се пред нас“ – потенцира промоторката.
Поврзувајќи го промовирањето на најновите поетски книги од десеттемина млади автори со значењето на Антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“, објавена пред точно една година, Николовска истакна: „Ако ветерот на Шопов почна да носи убаво време, а минатата година преку антологијата Ветрот носеше убаво време, сега, по овој повод можеме да кажеме дека поетскиот ветер оваа година – навистина донесе ново убаво поетско време. Промена – е суштината на појавата на ветерот. Поетско разведување и расчистување е суштината на најновата поетска појава на десетте поетски појави.“