Објавено целокупното творештво на Славе Ѓорго Димоски

Во издание на „Матица македонска“ од печат излезе книгата „Поезија / ткаења 1979 – 2014“ од Славе Ѓорѓо Димоски, во која се содржани десетте поетски книги кои Славе Ѓорѓо ги објавил во изминатите 35 творечки години.

Книгите се претставени во обратен редослед, од најновата „Мерач на зборовите“ објавена во 2007, до најстарата „Гравири“, објавена во 1979 година. Покрај нив, опфатени се и книгите „Темно место“ (1999), „Форми на страста / Forms of passion“ (1999), „Форми на страста“ (1998), „Предмети и аргумент“ (1994), „Спореден пат“ (1991), „Последните ракописи“ (1988), „Студен порив“ (1985) и „Проект“ (1982).

Книгата е проследена со обемен предговор од проф. д-р Димитар Пандев, а има и посебен дел со извадоци од критиката за поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски, како и селективна библиографија. Насловната и задната страна илустрирана е од академскиот сликар Сергеј Андреевски. – Бездруго, постои една творечка нишка што ги поврзува десетте (досега објавени) поетски книги, од „Гравири“ (1979) до „Мерач на зборовите“ (2007) во една компактна целина, т.е во еден хиерархиски структуиран систем од поетски форми, кој наоѓа аналогија во бесконечно множество творечки нишки особено во оваа книга суптилно осмислена преку метафоричен систем и/или преку своевиден процес на метафоризација именуван со поимот „Ткаења“ (2014). И во тоа е суштината на ваквите книгите, да кореспондираат во времето и во просторот како аналогни згуснати форми на последователно остваруваната творечка енергија постапно ослободувана во навидум мали творечки зафати со префинети именувања, пишува во предговорот Пандев. Тој додава дека Славе Ѓорѓо Димоски е поет од книжевна средина во која особено внимание се посветувало на смислата на зборот и на говорот, т.е на текстот, на вклученоста на зборот во поетскиот текст, на смислата во текстот; средина што отсекогаш била школа, жариште на поезијата. Во една таква средина Славе Ѓорѓо Димоски се профилира како поет на зборот, како поет со чувство за мера (и за определба) на зборот.

Славе Ѓорѓо Димоски е автор на десет поетски книги, четири книги поезија за деца, три книги со есеи, една антологија на македонската љубовна и еротска поезија. За своето творештво добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, Гранпри на европската поезија, орденот „Сергеј Есенин“… Дванаесет книги му се објавени на други јазици, а неговата поезија е преведувана на над 25 јазици.

You May Also Like