Манчевски со изложба и меѓународна промоција на филмовите

Во галеријата „Глиптотека“ во Хрватската академија на науки и уметности во Загреб, отворена е изложбата „Пет капки сон“ на Милчо Манчевски.

Изложбата ја отвори директорката на галеријата при ХАЗУ Аријана Краљ со зборовите: „Секоја негова фотографија е секвенца не само на просторот, туку и секвенца на меморијата, искра која ја понесувате со себе и ја паметите не само како убава слика, туку како она што ве допрело, гибнало и останало во нас, како блесок на сопствениот пат. Тоа резиме на стварноста, спој на едноставност и раскош на идејата е она што оваа изожба ја чини така единствена“.

„Пет капки сон“ веќе беше претставена на фотографското биенале „Грид“ во Амстердам, во галеријата Мијако Јошинага во Њујорк, како и во Скопје, Софија, Белград и Нови Сад.

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Мајки“ после последните проекции и високи признанија во Данска, Сингапур, Австралија и Нов Зеланд, минатата недела беше прикажан и на Првата и на Втората програма на Хрватската национална телевизија.

Хрватските рецензии, меѓу другото, велат:  „Со оваа градација од играно кон документарно, Манчевски истакнува дека реалноста е побизарна и посурова од било која фикција.  Освен мошне оригиналниот режисерски пристап, во филмот доминира и остра критика на оние кои ја поддржуваат нефункционалноста на полицијата и неефикасноста на правосудството, оставајќи ги граѓаните да живеат во несигурност и страв. Интересна жанровска градација и приказни кои секоја на свој начин зачудувачки ќе остават силен впечаток дури и на најзахтевните гледачи“.

ХРТ исто така минатата недела го прикажа и „Пред дождот“ во специјлна емисија во која беше поместено и опширно интервју со Манчевски.

Филмот „Прашина“ на Манчевски, пак, недоамна беше прикажан повеќе пати на американската комерцијална телевизија.  На филмскиот канал „Рилз“, во рамки на циклусот вестерни, „Прашина“ беше претставен на овој канал за филмски гурмани во текот на овој и претходниот месец.

You May Also Like