Во организација на Буден Театар, на 7-ми и 8-ми април во Скопје ќе се одржи првото издание на меѓународниот детски фестивал на куклен театар ФЕНЕР. Фестивалот се одржи во Универзалната Сала во Скопје и ќе бидат прикажани 3 куклени престави за деца, ќе се одржат неколку креативни детски работилници и една интерактивна изложба.
Фестивалот Фенер е прв фестивал во Македонија кој во својот фокус ја има куклата – театарски медиум кој најдиректно комуницира со децата. Фестивалот Фенер има за цел преку презентација на внимателно селектирани интернационални детски куклени театарски претстави да влијае инспиративно на локалните творци и да го подигне нивото на театарската понуда наменета за најмладата публика во Македонија, како и критериумите и очекувањата на домашната публика.
Овогодинешниот Фенер наиде на исклучитено слаб одзив кај потенцијалните спонзори што продонесе дел од првично планираната програма да биде скратена. Сепак базиран на огромна количина волонтерски труд од страна на екипата на Буден Театар и со поддршка од Данскиот Совет за Уметност, Бугарскиот Културен Центар, и во партнерство со Универзалната Сала Скопје, осамнува првото издание на Фенер, фестивал кој барем во двата дена на своето постоење ќе ни помогне да искусиме како е да се биде општество во кое децата се важни.
Фестивалот се отвара во 11:30 часот на 7-ми април, со изложбата на интерактивни картонски играчки на украинската уметница Викторија Книш. Имагинативната изложба насловена како „Град од картон“, под водство на Викториа од картон ќе ги изработуваат децата во текот на дводневните креативни работилници кои ќе се одвиваат пред платото на универзалната сала од 12 до 15 часот. Под водство на актерката Милиана Ленак, децата ќе ги оживеат сопственорачно направените кукли креирајќи малечки сцени со нив, а под водство на Јанинка Невчева, дипломиран музички педагог, и Оливер Јосифовски истакнат музичар, ќе експериментираат со создавање музика од импровизирани инструменти. Резултатите од трите работилници ќе се спојат во една мини претстава која децата ќе ја изведат на 8 ми април во 14:30 часот.
Првиoт фестивалски ден, два пати ќе биде изведена претставата на реномираниот Дански Театар Рефлексион “ Песни од Горе”, во 17 и во 19 часот. Претставата се игра во шатор, за најмногу 40 луѓе публика, и во тоа интимно бело пространство, покриено со звезди, времето започнува да тече на сосема поинаков начин. Оваа претстава успева да не воведе водетскиот поглед на светот, штелувајќи ни ги сетивата токму на ферквенцијата на која постојат децата. Тогаш и ние почнуваме да ги забележуваме деталите на начинот на кој тоа го прават децата, како да се зголемени под лупа, и сосем магични. Претставата е наменета за деца од 2 до 6 годишна возраст , но е вистински уметнички деликатес и за возрасната публика. Претставата се игра на англиски јазик со превод на македонски.
Вториот фестивалски ден, 8 ми април, во 17 часот ќе се одигра „Мокра Приказна“ на Илкова Театар од Софија. Претставата е работена според книгата “Приказните на Ане” на Стефан Цанев. Преставата ни раскажува за едно малечко девојче кое почнува да плаче надевајќи се дека така ќе го убеди татка си да и ја купи посакуваната топка. Таа плаче толку силно, што го наводенува целиот град, и во таа поплава се раѓаат уште неколку нови интересни приказни кои актерката ни ги раскажува исто така водено – со водени боички и вода. Оваа претстава е пример дека поимот кукла во куклениот театар може да има многу манифестаци, како во овој случај кога цртежите создавани пред очите на публиката се оживуваат и имаат функција на кукли.
Фестивалот се затвара во 19 часот со претставата на самите организатори – Буден Театар, „Муминтрол и Зимата”, која е работена според книгата на финската авторка Туве Јансон. Претставата не запознава со измислените суштества од светот на авторката, пред се со малечкиот Муминтрол кој за разлика од сите Муминтролови кои хибернираат се разбудил среде зима. Преку имагинативна сценографија и кукли, совршена музика и неодолив хумор, претставата успева на децата да им пренесе порака да бидат отворени кон промените и да им приоѓаат на новите нешта во животот без предрасуди.
___________________________________________
Програмата на ФЕНЕР накратко:
07.04.2012 – сабота
11:30 – Отварање со изложбата „Град од картон“ на Викторија Книш, Украина
12:00 – 15:00 – Креативни работилници за деца водени од Милиана Ленак – актер/режисер, Јанинка Невчева – дипломиран музички педагог и Оливер Јосифовски, музичар од Р.Македонија
17:00 – претстава „Песни од горе“ – Театар Рефлексион, Данска
19:00 – втора изведба на претставата „Песни од горе“ – Театар Рефлексион, Данска
08.04.2012 – недела
12:00 – 15:00 – Креативни работилници за деца водени од Милиана Ленак – актер/режисер, Јанинка Невчева – дипломиран музички педагог и Оливер Јосифовски, музичар од Р.Македонија.
14:30 – во рамките на работилницата ќе се изведе мини претстава од резултатите на работилниците.
17:00 – претстава „Мокра Приказна“ – Илкова Театар, Бугарија
19:00 – претстава „Муминтрол и зимата“ – Буден Театар, Македонија