Македонски уметници се претставија во Германија

Перформанс во кој се сретнаа поезијата на македонскиот лиричар Никола Маџиров и звукот на перкусионистот Зоран Маџиров како и отворање на изложба на фотографии во кој беше вклучена и нашата уметница Ирена Мила, се случија на 12 јуни во Келн, Германија.

Настаните беа во рамки на проектот „Хотспот Македонија“ кој го водеше Македонката Ивана Васева, стипендист на фондацијата „Роберт Бош’ на програмата за менаџер на културата од централна и источна Европа. Идејата зад „Хотспот Македонија“ беше да се претстави дел од македонската современа културна сцена пред германската публика.

Изложбата на фотографии беше резултат на експерименталната работа помеѓу двајца млади фотографи Ирена Мила од Македонија и Роберт Винтер од Германија, кои изработуваа фотографии врз основа на поемите на Никола Маџиров од збирката „Преместен камен“. Изложбата го поставува прашањето што се случува со една фотографија во која е интегриран литературен текст и дава можност за размена помеѓу двата фотографи. Делата ќе останат изложени еден месец во галеријата „Кунстдрукбар“ во Келн.

На литературно-музичкиот перформанс во полниот клуб „Блу Шел“ настапија веќе светски познатиот писател Никола Маџиров, кој читаше на македонски од збирката поезија „Преместен камен“. Преводот на германски го читаше глумецот Николаус Бенда од театарот Шаушпил Келн. Читањето го придружуваше виртуозот на македонската музичка сцена Зоран Маџиров, кој ја воодушеви германската публика со својот „клавир на шишиња“.

Проектот „Хотспот Македонија“ е поддржан од фондацијата „Роберт Бош“ и градот Келн, а партнери на проектот се галеријата „Кунстдрукбар“ и клубот „Блу Шел“. Винаријата „Тиквеш“ испрати вино специјално за оваа пригода, со што го поддржа претставувањето на културната сцена на Македонија во Келн.

 

 

You May Also Like