Утре вечер, (среда, 21 декември 2011 година) во Концертната сала на ФМУ, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи Концертот со традиционални македонски песни и танци со Оркестарот од народен и орфов инструментариум во класата на проф. Драган Даутовски.
Носители на програмата на овој концерт се студентите од Одделот за музичка теорија и педагогија кои во текот на своите студии ја посетуваат наставната програма по предметот Изведувачка техника на народни и орфови инструменти. Оваа настава има за цел кај идните музички педагози да развие практични вештини во користењето на овој инструментариум во функција на реализација на наставната програма по музичко воспитување во основното образование.
Концертната програма во голема мерка се темели врз методот на импровизација како основна ментална и физичка вештина и особеност на човечкото битие што го следи низ целиот негов живот. Како принцип на интеракција изразен низ уметничка форма е од огромно значење во ментално-креативниот развој на децата.
Професорот Драган Даутовски, кој ја води оваа настава на Факултетот за музичка уметност, заедно со наставата по народни инструменти и народен оркестар, е најистакнатиот македонски изведувач на преку 20 народни инструменти кој македонскиот фолклор го афирмира насекаде низ светот.