Македонските центри за култура со нови кино проектори

Пристигнаа првите осум, од предвидените 15 дигитални проектори наменети за киносалите во 14 центри за култура и еден за Филмскиот фонд на Македонија, кои ќе бидат инсталирани наредните две недели во Куманово, Струга, Охрид, Кочани, Делчево, Неготино, Крива Паланка и во Гостивар. Тие се дел од проектот за обнова на опремата за прикажување филмови во 14 центри на култура во Македонија.

Проекторите се од американски производител „Кристи“. Заедно со нив ќе бидат поставени и блу-реј плеери кои ќе овозможат прикажување на новите филмови во висока резолуција.

Во втората фаза, најдоцна до март 2013 година, ќе бидат набавени дигитални проектори и за центрите за култура во Прилеп, Тетово, Дебар, Струмица, Велес и Кичево.

Проектот се реализира преку Филмскиот фонд, а буџетот за негова реализација изнесува 11 милиони денари. Четиринаесетте центри беа избрани според анализата направена од страна на Фондот за состојбата на киносалите и опремата со која располагаат, која покажа дека повеќе поголеми градови со години имаат застарена, дотраена или нефункционална опрема.

Министерката за култура Канческа-Милевска на прес-конференција во Филмскиот фонд, информираше дека е набавен и еден мобилен програмски кинопроектор со кој ќе можат да се прават проекции на филмови во центрите за култура во помалите населени места што не се опфатени со овој проект.

Два од пристигнатите дигитални проектори пред еден месец беа употребени за прикажувањето на филмот „Трето полувреме“ во Битола, Охрид и во Свети Николе.

– Преку овој мошне значаен проект, македонските филмски продуценти ќе имаат можност да реализираат уште пообемна дистрибуција на филмовите низ земјата, а со тоа филмовите од најновата продукција ќе бидат достапни за граѓаните на сите градови во Република Македонија. Убедена сум дека реализацијата на проектот ќе биде голем придонес кон создавањето и развивањето на филмската култура во Македонија и како држава ќе бидеме во тек со технолошкиот развој на филмот и брзата доминација на дигиталните медиуми и процеси на дигитална продукција и дистрибуција на филмовите, рече Канческа – Милевска.

Директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески соопшти дека следната година ќе бидат набавени и два најквалитетни проекторa за фестивалите „Браќа Манаки“ и „Синедејс“. Нивните организатори – Центарот за култура Битола и Младинскиот културен центар Скопје веќе добија околу 30.000 евра од Европскиот филмски фонд „Еуримаж“ за дигитализација на нивните киносали.

You May Also Like