Изложба „Македонски фолклор” на Гордана Вренцоска во Битола

Изложбата „Македонски фолклор” на Гордана Вренцоска ќе се отвори вечерва (сабота, 1 јуни) во 20:00 часот во просторот „Магаза” на НУ Завод и музеј – Битола.

Изложбата се состои од фотографии, објекти, слики и графики, создадени во процесот на истражување, „разоткривање”, и „прочистување” на актуелната македонска фолклорна естетика. Овој проект ги покренува прашањата за себеидентификацијата или „припадноста” на одредено поднебје, нација, традиција, но во исто време ги начнува и проблемите на духовното закржлавување во напливот на различните влијанија со „сомнително” потекло.

Авторот користи автентичен и прочистен ликовен јазик со кој дава ново, современо видување на типичните елементи на македонскиот традиционален фолклор: лејката, велидгенското јајце, пафтата, милјето, чергата и ќилимот. Во ликовната обработка се испреплетуваат уметничкиот и дизајнерскиот пристап, како одраз на интересите на самиот автор.

Изложбата најпрвин беше поставена во Националната галерија на Македонија, а потоа и во Џин Тао музејот во Пекинг, НР Кина во 2011 година. Еден дел од делата беа презентирани во рамките на групните изложби „Постоечки достигнувања” во Музејот на Македонија во Скопје, „Миксер” во Белград и „Фолклор” во Музејот Теракота во Виница.

Следната дестинација по гостувањето во Битола е Њујорк, САД, каде изложбата ќе биде претставена во МЦ центарот во текот на 2013 година.

 

You May Also Like