Изложба на Урош Вељковиќ во Австрија

На 29 јули (вторник) во галеријата Марикон во Виена, Австрија ќе биде отворена изложбата Piece of cake на Урош Вељковиќ.

За делото на Вељковиќ Горанчо Ѓорѓиевски ќе напише: „Урош Вељковиќ во своето досегашно творештво го негува апстрактниот експресионизам каде бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива гестикулативна експлозивност и потполна слобода на торжествено зрачење. Во неговиот најнов проект насловен Piece of Cake повторно ни претставува едно торжествување (свеченост) – прослава на роденден. Изложувајќи хартиени чинии-цртежи во кои била послужена роденденската торта, на кои после јадењето е оставена апстрактна трага со форма, структура и текстура, тој интервенира со цртеж со што ги преобликува и дефинира апстрактните форми во арабескни и стилизирани цртежи. Во оваа трага препознаваме асоцијации на надреалистичкиот симултан цртеж/ракопис (pure psychic automatism) каде е изразена потсвеста ослободена од рационалната контрола. Оттука во овие чинии-цртежи може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира цртеж. Интервенциите на Вељковиќ врз овие форми вклучуваат два процеса – несвесната и свесната активност. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со поминатите годините, сознанија и искуства се изградува во личност.

Всушност Вељковиќ преку визуелниот јазик со овој проект го слави животот, убавината на годините кои поминуваат, убавите мали слатки нешта од секојдневието, доживеаната година повеќе старост, животното искуство и радост… Понудената торта за посетителите на изложбата отвора нова можност за уметничка интерактивност со посетителите и продуцирање на нови дела со кои повторно ќе се прославува животот… и уметноста…“.

Изложбата ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Австрија, Ѓорѓи Филипов. Инаку, истата е поддржана од страна на Министерството за култура на Република Македонија.

 

You May Also Like