На денешен ден (22 март, 2015 година) на 87-годишна возраст умрел Петар Хаџи Бошков, почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, специјализирал скулптура на Кралскиот колеџ за ликовни уметности и на Слејдовата школа за ликовни уметности во Лондон, бил гостин-професор на Академијата за ликовни уметности Купер во Њујорк.
Работел во Училиштето за применета уметност во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде бил и декан. Организирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија, во поранешната СФР Југославија, во Англија, САД, Турција и Грција, а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби во земјата и во странство како и на бројни скулпторски колонии. Во 1978 година бил учесник на Меѓународното биенале во Венеција.
Реализирал 16 монументални споменици кои се поставени во Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и во Франција.
Добитник е на 30 национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградата „11 Октомври“. Неговите дела се застапени во државни и приватни колекции во Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Англија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија.
За почесен член на МАНУ бил избран во 2009 година.
Роден бил 1 јуни 1928 година во Скопје.