„Молски акорди“ од Мирко Демиќ со превод на македонски

Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата со раскази „Молски акорди“ на српскиот писател Мирко Демиќ, во превод на Нове Цветаноски. За книгата Молски акроди Демиќ добитник е на  наградата Иво Андриќ за 2008 година, која се доделува на роденденот на нобеловецот, која врз основа на негов тестамент се доделува од 1975 година за расказ или за збирка раскази. Книгата доби извонредни оценки и од критиката.

Расказите во Молски акроди се испишани со препознатлив авторски стил и со интересна изведба на традиционалните наративни средства, но со испреплетени интертекстуални нишки, а поврзани со конкретни историски личности.

Во Молски акроди раскажувачот на Демиќ следи настани, личности и состојби во период од еден и пол век во српскиот национален простор, и тоа првенствено воените лудила и парадокси, лудилото на познати книжевни имиња како алегорија за разбирањето и неразбирањето во нивното време и невреме…

Во една вешта раскажувачка постапка, кога најчесто нараторот е ликот од расказот, исто така најчесто позната личност, авторот врши специфична вивисекција на заблудите и залудните војувања во историјата на тие простори, испраќајќи ја индиректно општочовечката и општоцивилизациската антивоена порака, иако во преден план во приказната ги сместил индивидуалните судбини или поточно реконструкциите на тие судбини. Во голем дел оваа книга со раскази е книга алегорија на апсурдите што ги носат војните, погрешно устремениот патриотизам, шовинизмот и големите национални идеи кои по воен пат стигнуваат до дното и до бедата на една национална почва („Сите наши порази ни се причинуваат како победи, а ретките и случајните победи имаат горчлив губитнички вкус. Ни во победата ни во поразот никогаш не одевме докрај, па се стануваше половично и просечно, бедно и понижувачко.“). По балканските крстопати или беспаќа нараторот заскитува дури и до македонските простори, преку ликовите на Душан Срезојевиќ или Петар Кочиќ („…Македонија личеше на железничка станица на која се качуваш во првата композиција која ќе наиде. Задпатје каде што се одрекува припадништвото на својот национ и се приклонува на некој друг, а се во зависност од пазарната конјуктура. Скопје го опишуваше како град на конзули и на нивните шпиони.“)

Во каденцата на крајот на книгата авторот пишува: „Иако во втор план, политиката е централна нишка која ги спојува овие раскази. Јунаците на приказната се политички протагонисти, нејзини робови, сопатници, а најчесто жртви. Неколкумина се истовремено писатели и фанатични политичари…

Лудилото е, исто така, една од заедничките нишки на повеќето овие раскази. Било да се работи за лудилото кое настанува како последица на занимавањето со литературата (политиката) или она кое политиката (литературата) го има за последица.“
Мирко Демиќ е роден во 1964 година во Горен Класниќ кај Глина. Досега ги објавил книгите проза: Јаболкото Хесперида (1990), Сламка в нос (1996), Килибар, мед, оскоруша (2001, 2005), Апокрифи за Фуртула (2003), Слуги на хировитиот приста-нишник (2006), Молски акроди (2008, 2009), Трезни на пијана лаѓа (2010, роман за кој ја доби наградата „Дејан Медаковиќ“), книгите есеи и огледи Под отровен плашт (2010) и книгата со публицистички текстови Засладување со горчина (2008).

Прозата му е преведена и на полски и германски јазик.

Од 2002 година е главен уредник на списанието Кораци.

Живее во Крагуевац од 1995 година.

Со своите прозни книги Мирко Демиќ денес си обезбеди место меѓу најугледните српски писатели од средната генерација.

You May Also Like