Македонскиот тенор Благој Нацоски веќе 10 дена се наоѓа во Ријека, Хрватска, на интензивни проби за светската премиера на операта „Марко Поло“ напишана од италијанскиот композитор Даниеле Ѕанетович во 2007 година, а либретото е на Фабио Череза.
Во меѓувреме, односно утревечер (12 април) со почеток во 20:30 часот, Нацоски ќе одржи концерт во Бари во Театарот „Томазо Траета“ во рамките на Фестивалот Амифест 2013, на кои ќе изведе дела од македонските современи композитори Фирфов, Прокопиев, Скаловски, Голабовски, Зографски, Цанев и Џамбазов. На концертот наречен „КОНТРАПУНКТ – од Македонија до Верди“ ќе настапи и сопранот Даниела Деџенаро, која ќе изведе 3 арии од оперите на Џузепе Верди, по повод 200-годишнината од неговото раѓање.
„По ланскиот концерт во Рим ветив дека ќе одржувам барем еднаш годишно концерт со дела од македонските автори. Настапот во Бари е еден вид музички спој помеѓу Македонија и Италија, со оглед на фактот што во вториот дел од концертот ќе бидат изведени три арии од оперите на Џузепе Верди, како омаж кон 200-годишнината од неговото раѓање. Ќе отпејам и дует од третиот чин на Травијата заедно со сопранот Даниела Деџенаро, а концертот ќе го завршиме со, нема да претерам ако кажам познатата „Свита Македонија“ која ја реализираше Маестро Алесандро Д‘Агостини инспириран од едни од најубавите македонски фолклорни песни, кој меѓудругото ќе биде и пијанистот на концертот. Со фактот што на концертот ќе биде и одбележана и 200-годишнината од раѓањето на Верди, му се дава особена тежина на настанот“. – вели Нацоски
Инаку светската премиера на „Марко Поло“ ќе се одржи на 24-ти април во Хрватско Народно Казалиште „Иван Зајц“ и е во копродукција со Италијанскиот Центар за Култура и Уметност од Рим. Ќе бидат изведени и 4 репризи до крајот на април. Диригира Нада Матошевиќ, а режијата е на Озрен Прохиќ. Благој ја толкува улогата на Аедо, лик кој претставувал пејач-пророк во грчката античка трагедија. Марко Поло е Валдис Јансонс од Летонија, Кубилај Кан е Кристијан Фаравели, Болгана е Амбра Веспазијани, двајцата од Италија, Аргон е Бранко Робиншак од Словенија, додека главниот женски лик ќе го толкува Хрватката Ведрана Шимиќ.
„Во Ријека пак ќе настапам во една улога која особено ми се допаѓа. Музиката напишана за ликот на Аедо е можеби најубавата во целата опера и среќен сум што токму оваа улога ми е доделена мене. Се надевам дека оваа опера ќе биде добро прифатена од публиката и ќе биде изведувана и понатаму и во други театри во светот. Овој мој настап во Хрватска, претставува не само мое деби во оваа земја, туку и прв настап воопшто во земја од бившите ју-простори. Деби за мене ќе биде истотака и настапот во главниот град на Литванија, каде ќе ја пејам една од моите омилени претстави односно улоги. На улогата на Ферандо „се враќам“ всушност по пет години.“ – додава Нацоски
По претставите во Хрватска, Нацоски заминува за Вилнус, Литванија каде во „Вилнус Сити Опера“ ќе настапи во операта „Така прават сите“ од Моцарт. Премиерата е закажана за 8 мај.