Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 3 октомври 2011 година (понеделник), со почеток во 20:00 часот ќе се отвори изложба со наслов See, saw, seen на Ацуко Номура, ликовна уметница од Јапонија.
Изложбата на Ацуко Номура е уште едно освежување на програмата за меѓународна соработка што ја реализира Националната галерија на Македонија. Оваа сликарка специјализирала техника масло на платно (Арт-универзитет Мусашино во Токио), но се изразува и во комбинирана техника (јаглен, масло, молив), најчесто на хартија, пред македонската публика ќе се претстави со 20-ина цртежи во кои на специфичен начин е предаден пејзажот, а и мотиви од природниот амбиент, виден низ индивидуалната призма на авторката Номура.
Не може, а да не се спомене источниот продуховен амбиент на чувствување на натуралниот свет околу нас предаден во делата, кој како да е повеќеслоен, воздушест и како да дава повеќедимезионални претстави што треба да бидат протолкувани на сосема персонален начин од реципиентот.
Селектираниот број на дела од нејзиниот циклус See, saw, seen се однесува на начинот на кој Ацуко Номура го акцептира светот, фокусирана на изнаоѓање убавина и онаму каде што човекот најмалку очекува, онаму каде што секојдневно ја гледа, но не може да ја види.
Ацуко Номура дипломирала на Мусашино арт универзитетот, Џуниор колеџ за уметност и дизајн, Факултет за уметност, сликарски оддел. Магистрирала на истиот универзитет.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија и истата ќе биде отворена до 16 октомври 2011.