Канческа-Милевска во работна посета на Софија

Министерота за култура на Република Македонија Елизабета Канческа – Милевска денес престојуваше во работна посета на Софија, Република Бугарија.

За време на престојот во Софија министерот Канческа-Милевска оствари билатерална средба со својот колега, министерот за култура на Република Бугарија, Вежди Рашидов. За време на средбата двајцата министри разговараа за конкретните иницијативи во реализацијата на програмата за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот 2010 – 2012 година.

Канческа –Милевска му се заблагодари на Рашидов за личната ангажираност во реализацијата на програмата за соработка, во чии рамки беше и изложбата на 14 современи македонски ликовни уметници во бугарскиот културен центар во Виена и во Софија. Рашидов пак истакна дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина со учество на бугарските поети на поетските фестивали во Република Македонија, ја изрази својата благодарност што токму Софиската филхармонија ќе го отвори интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест – Битола“.

Двајцата министи изразија подготвеност за зголемување на соработката во областа на театарската дејност, како и подготвеност за потпишување на Спогодба за соработка во областа на филмската дејност.

По средбата, министрите Елизабета Канческа-Милевска и Вежди Рашидов во галеријата „Средец“ во Министерството за култура на Бугарија ја отворија изложбата на скулптури и цртежи на македонскиот уметник, академик Томе Серафимовски, „Балкански соѕвездија“

-„Софија е местото од кое започнува патот на уметноста по Балканскиот Полуостров, кој ќе ги направи невидливи границите меѓу нас. Пренесувајќи ги гласовите од сите времиња, нашиот суптилен мислител, коренодлабецот, Томе Серафимовски со своето соѕвездие од 24 лика од различни историски епохи, од различни народи и култури, не потсетува на корените на постоењето, на длабочината на минатото на целиот Балкан и ни ја испишува пораката, дека одредени ѕвезди кои треперат никогаш не згаснуваат“-истакна во своето обраќање министерката Канческа-Милевска.

„Би сакала во оваа прилика со големо задоволство да го поздравам мојот колега, министерот за култура на Република Бугарија, г. Вежди Рашидов. Сигурна сум дека и тој ќе се согласи со мене дека овој висок чин на бугарско-македонското доближување во културата е доказ дека Балканот е ризница од која бликаат изворите на европската и светската култура“-додаде таа.

„Нашите земји може не се толку големи, но имаме многу талентирани уметниции и затоа треба заедно да се обединиме во нашето залагање за претставување во Европа“, истакна министерот Рашидов. Тој додаде дека културата е нешто многу драгоцено и нешто што ги поврзува и ги претставува народите подобро и од политиката.

„Балкански соѕвездија “ е 4-та изложба на Серафимовски во Бугарија, на која се изложени 24 скулптури изработени во бронза, меремер и оникс. Изложбата на Серафимовски опфаќа личности значајни за цивилизацијата, културата, писменоста, литературата, духовноста од 10 балкански земји. На отворањето на изложбата претставуваа и претседателите на Македонската академија на уметностите и на Бугарската академија на науките,Георги Старделов и Никола Саботинов, истакнати академици, писатeлот Љубомир Левчев, добитник на венецот на Струшките вечери на поезијата, ректорот Велимир Стојковски како и многу љубители на уметноста.

You May Also Like