Денес (понеделник, 05.07.2021г.) со почеток во 12:00 часот во сутеренот на Национална опера и балет ќе се одржи промоција на монографијата „75 ГОДИНИ – ПОВЕЌЕ ОД ИГРА И ПЕСНА” на Ансамблот на народни игри и песни „ОРЦЕ НИКОЛОВ”.
Промотор на настанот е проф.д-р Мирјана Мирчевска. Промоцијата ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, влезот е слободен.
За монографијата „75-години повеќе од игра и песна”
Народното творештво е постојан придружник на нашиот народ како во минатото, така и денес. Тоа живее со нас и ќе продолжи да ги придружува сегашните и идни наши поколенија.
Во македонското народно творештво е впишан “кодот” на историските настани и културни влијанија и тие денес претставува дел од македонската културна ризница.
Низ игра, песна и музика, задоени со вековното духовно и културно богатство илјадници вљубеници во македонскиот фолклор – членови на Ансамблот „Орце Николов”, станаа „чувари и пренесувачи” на се она што нашиот народ со векови го ткаел, како дел од своето битисување.
Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов” од Скопје е формиран 1945 година, со цел да ги негува и прикажува обичаите, народните игри, песните, музиката, инструментите и носиите на Македонија и пошироко.
Во изминатите години Ансамблот „Орце Николов” постигна забележителни резултати и успеси на полето на фолклорното творештво, за што говорат повеќе од 400. домашни и меѓународни награди и признанија, а гостувајќи на голем број фестивали во светот, се здоби со високо реноме и светска афирмација.
Значењето на 75-годишниот јубилеј на Ансамблот на народни игри и песни “Орце Николов”- Скопје, како еден од првите зачетоци на културно-уметничкиот аматеризам во Скопје и Македонија упатува на потребата од негово достојно и организирано одбележување.
Во Ансамблот „Орце Николов” минале повеќе од 15.000 членови кои приредиле околу 6.700 концерти во земјата и ширум светот.
Концертите ги следеле повеќе од 10.милиони гледачи, а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали во земјата, но и во САД, Канада, Бразил, Куба, ДНР Кореја, Англија, Белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Шведска, Германија, Италија, Чешка, Словачка, Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција, ТР Северен Кипар, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина,…
Составен дел на програмските активности е и Монографијата насловена “75 години повеќе од игра и песна” која дава еден сериозен приказ на дел од позначајните активности на Ансамблот реализирани во неговото 75 – годишно делување, потврдувајќи ги вистинските вредности и оставајќи трајни белези во македонската култура и живеење.
Монографијата дава еден модерен приказ на традициските, националните и други вредностите што ги поседува нашиот ансамбл, неговото значење во зачувувањето, негувањето и презентирањето на фолклорното богатство на домашната и меѓународната сцена, а исто така ќе даде и значаен придонес и за научната и друга јавност.
На едно место се зачувани голем број записи кои се потврда за огромните успеси на Ансамблот „Орце Николов” – Скопје и македонскиот фолклор на домашната и на меѓународната фолклорна сцена.
Дел од програмските содржини на Ансамблот”Орце Николов” посветени на 75-годишниот јубилеј, меѓу кои и Монографијата беа поддржани од Министерството за култура, Град Скопје, Општина „Центар”- Скопје, за што и во оваа пригода им изразуваме искрена благодарност.
Овие седум и пол децении опстојавме и ги чуваме нашите јасни и недвосмислени аргументи за она:
..што сме биле, што сме, и што треба да бидеме и опстанеме!
Мисијата на ансамблите, како што е „Орце Николов” е да ја зачуваат „свежината и изворноста”, зошто фолклорот не само што треба да се сака, туку треба и да се разбере.
Само така ќе се разбереме и самите себе?
Ансамбл на народни игри и песни „Орце Николов” – Скопје