Се отвора новиот Археолошки музеј

Промоцијата на новиот репрезентативен објект на Археолошкиот музеј на Македонија закажана е за 18 октомври …

По повеќе од 30 години, Република Македонија ќе добие најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори. Во новиот репрезентативен објект на Археолошкиот музеј на Македонија, чија промоција е закажана за 18 октомври, со почеток во 19 часот, ќе бидат изложени највредните примероци на нашето културно наследство, а на еден автентичен начин, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика ќе биде раскажана милениумската историја и култура на територијата на Република Македонија.

Во изложбениот простор на три ката и на површина од 6.000 квадратни метри пред јавноста ќе бидат претставени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, започнувајќи од праисторијата па се до средниот век. Од огромна важност е што значаен дел од овие артефакти, меѓу кои и рановизантиските оригинални моизици од локалитетот Суводол, копијата на саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век, за прв пат и ексклузивно ќе бидат презентирани пред јавноста.

Во музејот се застапени повеќе оддели, меѓу кои и: одделите за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка и уште многу други изненадувања кои на еден оригинален начин ќе бидат ултрамодерно имплементирани во целата поставка.

Археолошкиот музеј, освен богатата археолошка поставка, опремен е и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видео-анимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а застапена е современо музеолошки конципирана реконструкција на објекти од неолитот.

You May Also Like