Промовирана археолошката поставка во Штип

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера (понеделник, 29 октомври, 2012 година) во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип се обрати на отворањето на новата археолошка поставка во оваа музејска установа.

На промоцијата на која присуствуваа и Зоран Алексов, градоначалник на општина Штип; Зоран Читкушев, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, како и голем број археолози и гости, Канческа-Милевска истакна дека оваа импозантна поставка е силна рефлексија на археолошкото богатство што се наоѓа на оваа територија, но истовремено таа е и одраз на нашата посветеност и грижата за непроценливите културни вредности и несоборливите факти на наследството што ни ги остави историјата.

Постојаната археолошка поставка содржи 900 експонати кои потекнуваат од периодот на неолитот па сè до средниот век. Забележливо е богатството од керамички садови, орудија од камен и од коска, оружје, дрвени резби, накит, монети и неколку парчиња капители. Исто така, поставката е збогатена и со две печки за печење керамика, како и со реконструкција на неолитска куќа, преку која посетителите може да се запознаат со начинот на живеење на нашите предци.

Со новата археолошка поставка, како и со етнолошката и историската поставка, Музејот во Штип стана единствена музејска институција која со активната улога на одделенијата за конзервација, реставрација и дигитализација на културното наследство ја заокружи целосната презентација на културното и историското минато на овие простори.

You May Also Like