Националната установа Завод и Музеј-Битола, во која посебно внимание се посветува на музејската дејност според сите европски стандарди, номиниран е за високото европско признание „Луиџи Микелети“ што ја доделува Европската музејска асоцијација-ЕМА.
Конкурираат за наградата вкупно 21 музеј од Европа, соопштија Гордан Николов, национален координатор за Македонија во Европската музејска асоцијација, и Андреја Рихтер, претставничка на ЕМА, кои ја посетија Битола.
Битолскиот е единствено номиниран од сите македонски музеи бидејќи ги исполнува условите и критериумите на надлежната асоцијација.
– Музејот во Битола е видлив насекаде. Од неговата интернет програма можете да погледнете се што ви е неопходно што, за жал, го нема кај другите музеи. Исполнет е со практични информации за секој посетител, а тоа се должи на одличното менаџирање на оваа национална установа, посочи Николов.
Директорката на Заводот и Музеј-Битола Лиљана Христова, со најава дека на почетокот на идниот месец во музејот ќе престојува уште една мониторинг екипа на Европската музејска асоцијација, во пресрет на конечната одлука кој европски музеј ќе ја добие наградата „Луиџи Микелети“.
Наградата „Луиџи Микелети“ е востановена од Фондацијата Микелети и Кенети Хадсон во 1996 година и се доделува за посебни достигнувања во науката и индустриската музејска археологија во Европа.