Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 16 август, 2012) во 11:00 часот во просториите на Министерството за култура, ќе оствари средба со познатиот македонист Волф Ошлис од Германија, преведувач на „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков на германски јазик.
На средбата, министерката за култура Канческа-Милевска на професорот Ошлис ќе му врачи и специјално признание „Пријател на Република Македонија“ за особен придонес во промовирањето на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
Германското издание на „За македонцките работи“ во превод и со предговор на Ошлис, го објави „Македоника литера“ од Скопје. На корицата од книгата е објавена стара географска карта на Македонија од околу 1750 година изработена од Антон Бишинг, а картата е една од многуте од колекцијата на Ошлис на стари германски карти за Македонија.
Волф Ошлис (Wolf Oschlies) е познат македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Роден е во 1941 година во Конигсберг. Студирал славистика на универзитетот во Хамбург. Од 1973 бил вработен во Центарот за аналитика во германската сојузна влада. Исто така работел и во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн. Од 1977 до 2006 работел и предавал како професор на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа и пишува редовно за мрежниот весник Евроазиски магазин и Пруски алгемајне цајтунг. Континуирано објавува статии посветени на Македонија.