Сандро Николовски е роден во Ниш, 1986 година. Растел во музичко семејство, покрај својот татко, легендарниот Гоце Николовски интерпретатор на многу познати македонски новосоздадени фолк мелодии, мајка му Весна и сестра му Катарина. Семејството Николовски води потекло од битолско. На Сандро најомилен град во Македонија му е токму Битола, која многу често ја посетува и поради своето потекло, но и поради голем број пријатели кои ги стекнал во неа.
До својата шест годишна возраст живеел во Ниш со своето семејство, кои заради службата на дедото на Сандро, одамна се преселуваат таму. Во Ниш Гоце, на истата возраст на која е сега Сандро, почнува да пее во рок групата „Далтони“, а подоцна се вработува како музички уредник во Домот на култура во Ниш.
Сандро студирал компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, но се префрлил на новинарство во Македонскиот институт за медиуми (МИМ), каде и дипломирал. Негов голем интерес е психологијата и размислува за запишување и на тој факултет. По дипломирањето се преселил повторно во Ниш, каде што четири години работел како сопственик на кафе клуб “Ретро”. Сепак, пред една година се одлучува повторно да се врати во Македонија, во Скопје и да продолжи со пеење.
На претстојниот музички фестивал Охрид-фест 2012, ќе настапи на 19-ти август, во вечерта на млади изведувачи со џез баладата „Што е среќа“ , музика и аранжман на Александар Чекреџи и текст на Маја Павловска, која е воедно и негов менаџер. Песната се снимаше во студиото “Blue” на Григор Копров, тон мајстор Александар Стаматовски, под продуцентска палка на Зоран Ристовски.
Сандро Николовски, Маја Павловска и Роберт Билбилов ги поврзува тоа што сите тројца се наследници на тимот кој стои зад легендарната, песна на векот „Бисер балкански“ која ја отпеа Гоце Николовски, текст на текстописецот Јован Павловски и музика на композиторот Хилми Билбил.
Плановите на Сандро и неговиот менаџерски тим се Сандро да стане дел од македонската музичка естрада со квалитетна работа и песни кои ќе се слушаат, а за што вистинско мерило ќе биде самата публика.
Александар Ристевски