Tv rage предгрупа на Dog eat dog

TV RAGE македонскиот рок’ен’рол бенд кој го претставува нојз-панк звукот на младата и плодна кумановска сцена ќе настапи како предгрупа на концертот на DOG EAT DOG кој ќе се одржи на 15. мај во Младински Културен Центар во Скопје.

Овој трочлен бенд во состав на Предраг Митиќ (гитара, вокал), Дамјан Поповски (бас гитара) и Анџело Мацура (тапани) постои скоро две години, а веќе работи на снимањето на својот деби албум чие објавување се очекува кон крајот на 2014 година. TV RAGE на настапот како предгрупа на концертот на DOG EAT DOG ќе го претстави и материјалот од своето ЕП издание насловено „RIOT FROM THE GROUND“. Ова издание на групата беше објавено на 5. јуни 2013 и поставено е за бесплатно преземање од нивната bandcamp страница. Зад себе имаат околу 20 жестоки настапи од кои како позначаен групата го издвојува оној на фестивалот „Земјотрес“, а на овој линк можете да го погледнете и нивниот настап во живо на „Канал 103“.

Американскиот кросовер бенд DOG EAT DOG наскоро ја започнува својата пролетна европска турнеја која e организирана во чест на 20 годишнината од објавувањето на првиот, легендарен албум на групата, насловен „All Boro Kings“. Во рамки на оваа турнеја за 2014 година, DOG EAT DOG ќе ја посети и Македонија со концерт на 15. Мај во МКЦ, Скопје! Домашната публика го памети одличниот, прв и до сега единствен настап на DOG EAT DOG кај нас, кој се одржа во 1995 година во рамки на „Т Фестивал“ во Скопје. Речиси 19 години подоцна, овој енергичен состав повторно доаѓа во Скопје и тоа со свој самостоен концерт кој DOG EAT DOG го најави и со видеото достапно на овој линк.

You May Also Like