„Last Expedition беа и останаа најголемите мадерф.к.р. на алтернативната сцена. Без старца, нема ударца!“, „Браво дечки! Интелигентно и со срце!“, „Супер актуелно, а задржан вашиот звук!“, „Фантастично! Живели, и уште, ајде уште!!!“, се дел од коментарите за новата песна на „Ласт експедишн“.
Со „Хеј хо“ македонскиот алтернативен рок бенд се враќа на сцената по цели 22 години.
Откако беше објавена на „јутјуб“, песната досега има преку 11000 прегледи. Бендот претходно ја најави на својата фејсбук страница и го промовира видео записот. Музика и текстот се на Енис Хаџиќ-Енко, а аранжманот го потпишува „Ласт експедишн“. Снимањето, миксот и мастерот се на Мите Димовски.
„Одлично авторско враќање на „Ласт експедишн“. Ви велам секојдневно, а со секој следен ден се повеќе сум убеден…..оваа година ќе биде големо враќање на Македонскиот Рокенрол“, пишуваат некои од познавачите на домашната рок сцена.
„Ласт експедишн“ се формирани во 1985 година. Нивната прва песна „Маршпира пропаста“ е објавена во 1990 година. Во раните 90ти беа едни од највлијателните алтернативни македонски бендови.