По повод насловот: „Партиите да се обврзат дека ќе го донесат Законот за јавен интерес во културата, бара граѓанскиот сектор“ објавен на 12 јуни 2020 на 3600.
Велат, науката не е ништо друго ами прецизно дефинирање на поимите. А нивното дефинирање произлегува од семантиката на употребените поими. Во законските прописи кои ја уредувaат областа на културата и културното наследство децении наназад има едно правно талкање меѓу поимите културно богатство и културно наследство. Во рамките на Југословенската Федерација тоа произлегува од разногласието на терминологијата и нејзиното значенско толкување меѓу републичките закони и сојузниот закон со кои се уредувала оваа материја.
Во независна Македонија, пак, тоа произлегува уште од подготовките на Уставот на Република Македонија од 1991 година, бидејќи на прашањето за уставниот модел на заштита не му било посветено соодветно внимание. Тогаш во Нацрт-уставот на Република Македонија е понудено решение кое претходно е веќе застапено во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година. Тоа значи дека е понудeн истиот рестриктивен концепциски пристап и дека не се прифаќа чекорот напред направен со амандманските решенија од 1989 година – недвижности и други предмети и вредности од културно и историско значење. Во суштина, тоа значело враќање назад и задржување на истата уставна формулација од 1974 година – предмети и објекти од особено културно и историско значење, што како добра од општ интерес уживаат посебна заштита.
Во тој историски момент, до Комисијата за уставни прашања на Република Македонија, на 13 септември 1991 година, издржана забелешка дава само тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата – Скопје (сега Национален конзерваторски центар – Скопје) која е во четири насоки:
1) прифаќање на изразот културно наследство како уставен термин и поим;
2) напуштање на селективниот пристап кон добрата од културно и историско значење како предмет на заштита и нивно изедначување со другите видови добра од општ интерес;
3) создавање уставна основа за заштита на нематеријалните добра и
4) напуштање на поимот посебна заштита или додавање нов поим покрај него (претходна или општа заштита и сл.), што заедно ќе го означуваат поимот заштита според меѓународните конвенции.
Талкањето по прецизноста на овие поими произлегува од повеќедецениската употреба на терминот споменик на културата во смисла на денешната определба културно наследство, опфаќајќи ги само материјалните добра, и обидот да се оправдa изборот на термнинот богатство (за наследство) наспроти другите поими: добро, благо, наследство, знаменитост, споменик и реткост со образложение дека „…според своето етимолошко значење најцелосно ја одразува, односно ја содржи суштината на предметот на посебната заштита…“, односно дека поимот богатство со своето значење „…ја опфаќа целокупната материјална содржина што нејзиниот имател го прави богат“. Сeто ова стои во образложението на Нацрт-законот за заштита на природното и културното наследство од 1985 година.
Талкањето по прецизноста на поимите културно богатставо и културно наследство во независна Македонија трае сè до донесувањето на Законот за културата во 1998 година, односно Законот за заштита на културното наследство во 2004 година.
Така, во Законот за културата од 1998 година е воведен клучниот генерички поим културно богатство со значење што во натамошниот текст ги заменува зборовите материјално и духовно творештво. Ваквото конечно прецизирање на поимот културно богатство повторно е резултат на тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата образложен на 15 јануари 1998 година на јавната расправа по Предлогот за донесување закон за културата, каде што е нагласено „…сè што претставува културно богатство истовремено не е и културно наследство во протектолошка смисла“.
Поимот, пак, културно наследство, во 2004 година конечно ја добива својата прецизна и сеопфатна дефиниција во Законот за заштита на културното наследство: „Културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра коишто, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и заради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим во согласност со овој и друг закон“.
Зошто го давам овој кус и кондензиран историјат на клучните поими во македонската култура?
Го давам од причина за да ја прикажам посветеноста на генерациите пред нас да создадат цврста подлога за правилно и озаконето валоризирање на културните вредности кое се создадени и кои ќе се создаваат во Република Македонија, го давам од причина за да прикажам дека појдовната точка на размислување е македонскиот идентитет и стекнување државотворни атрибути, како и овозможување подлога за вреднување на културната прокукција и културните добра на сите етникуми во Македонија.
Наспроти сето ова, во предложениот нов Закон за јавен интерес во културата укинувањето, односно целосното преформулирање на членот 5 од постоечкиот Закон за културата го доведува во прашање вреднувањето на целокупната уметничката продукција која се остварува преку уметничкиот израз рефлектирана во: театарска претстава, оперска претстава, балетска претстава, филхармониски концерт, ликовна изложба, како и литературните творби, што значи обезвредување на институционалното функционирање на културата во Република Македонија. Во членот 5 седиот долгокос колумнист во слободарскиот портал целосно ја укина употребата на поимот културно богатство и ја сведе на ниво на творештво. Да бидам појасен, творештво е и цртежот на ученикот во трето одделние, обидот за авторска изведба на песна во зафрлена кафеана, првата литературна творба на учениот на патрониот празник во неговото училиште…, но сето тоа не е и културно богатство. А ако немаме продукција на културно богатство ќе нема што да впишеме понатаму и како културно наследство.
Укинувањето на членот 5, прво, ја обезвреднува сета културна продукција во државата, а потоа го условува целокупниот тек на новиот Закон за остварување јавен интерес во културата, односно го води во погрешна насока, т.е. делувањето на невладиниот сектор станува облигаторен во институционалното практикување на културата.
Да не бидам погрешно разбран, апсолутно стојам на ставот дека невладиниот, односно граѓанскиот сектор треба да има свој простор за делување во општественото живеење, во културата во дадениов случај, но не со законска облигаторност во институциите, односно условеност, ами со понуден квалитет на културните содржини.
Провидна е намерата на личноста која направи елементарната непогода во културата во Македонија да се затскире зад бришењето на членот 5 од предложениот Закон зад независната сцена, зад невладинот сектор, сега преформулиран во граѓански сектор и да си обезбеди егзистенција без продукција, не знаејќи дека е далекусежна мислата на третиот американскиот претседател Томас Џеферсон кога изјавил: „Демократијата е привилегија за зрелите и изградени луѓе, таа не е играчка за малите деца“.
м-р Александар Јорданоски