Ви го претставуваме првиот чекор за бегство кон блескавото откровение на новите музички простори. „Foolish Green“ го презентира својот новогодишен сингл „Laika“, дел од надоаѓачкиот албум насловен “Escape” кој ќе се појави во март следната (2013) година.
„Таа е вонземјанка што ненадејно се буди во Русија! Целосно исплашена од човековиот род, се крие во еден студен сокак и јаде мандарина (да, обожува мандарини). Зошто ги мрази луѓето? Ја среќавам едно сиво утро осамена и се вљубувам во неа на прв поглед. Се надевам и таа во мене. Ја следам, но таа упорно ми бега и не ми верува дека ќе ѝ обезбедам спокој и безбедно прибежиште. Не знае дека би посегнал по секоја планета да ја имам, како што ни јас не знам дека таа, всушност, е отелотворение на духот на Лајка! Кучето-космонаут испратено во вселената, чија судбина беше однапред определена: без излез испратена за нови сознанија на „интелигентниот“ човеков род. Изгоре во атмосферата од нашата „љубов“ кон науката. Па сега се чудиме зошто нема доверба во никого и зошто од секого бега. Затоа ми преостанува да ја убедам дека сме, сепак, човечни! Дека во нас има космонаут што најпрво треба да ги освои непознатите пространства на својата душа. Да ѝ докажеме дека знаеме да сакаме…!“ – „Foolish Green“
Синглот „Лајка“ од денес (понеделник 17.12.2012) е достапен за слободно симнување од следниов ЛИНК.
Музиката и тимот на „Foolish Green“ израсна врз основа на интуитивно-спонтано-емпиристичкото внатрешно чувство проследено со акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер. „Foolish Green“ е проект зад кој стои Ненад Стефановски, алтернативен музичар од Скопје, познат по својата работа како продуцент на „Green Out“, „Легијата“, „Против сите“…
Во јули оваа година тој го објави ЕП-то “Sun is Gone” кое содржи четири композиции достапни за слободно симнување од сајтовите на регионалниот музички канал „MTV“. Во музичкиот израз на „Foolish Green“ може да се забележи неконвенционалниот метод на снимање и креирање хармонски звуци и музички стуктури со што дефинитивно се наметнува како посебно име на нашата музичка сцена. Сопственото продуцирање на „Foolish Green“ рефлектира широк спектар на влијанија и ги прекршува поп и рок’ен’рол жанровите.
Наскоро го очекуваме неговиот деби албум, наречен “Escape” кој ќе биде еден од ретките изданија од ваков тип на музички правци во нашите простори. Албумот ќе биде објавен следната година, а од самиот почеток, кон идејата „Escape“ во наплив се придружија седум артисти кои примарно допринесоа со својот емпиристички пристап.