По светската премиера на фестивалот KNOTS во Аргентина, денеска (сабота, 11 мај 2013) во 22:00 часот во кабаре-клубот Џубокс ќе се одигра македонската премиера на претставата „Лола“ во режија на Софија Ристевска.
По „Лили“ и „Љубовницата“, Ристевска повторно доаѓа на сцената на Џубокс, овој пат со монодрама во која актерката Македонка Илиевска портретира хероина која се обидува да преживее во време на економска, политичка и духовна криза.
„Лола“ е една од ретките продукции што во периодов се реализира вон националните театри, а и со овој текст независниот INTIMATE-THEATRE продолжува да ги истражува женските приказни и предизвици. „Лола“, работена според вистински приказни, ја прикажува трагедијата на либералниот капитализам кој ги изгладнува луѓето, а ги збогатува корпорациите. Според Ристевска, ова е претстава за глад и смрт, за убиства и секс, приказна за погрешните животни избори и за многуте компромиси што една жена ги прави со единствена цел – да преживее во систем каде се умира од физички и емоционален глад.
По премиерата на сцената на Џубокс „Лола“ ќе се игра и следните денови во истиот термин.