Заврши четвртата Тортијада

Во саботата (27 октомври, 2012) во Веро-Центарот, во Скопје, се одржа четвртата Интернационална тортијада „ИНТЕРСКОПКЕЈКС 2012“. И годинава Тортијадата беше во организација на Хуманитарна oрганизација „Ангелчиња“, а финансиски е поддржана од Градот Скопје.

Во рамки на Интерскопкејкс 2012, со свои слаткарски ремек-дела, се претставија професионални и слаткари аматери од регионот и пошироко, и тоа од: Република Бугарија, Република  Украина, Република Албанија, Република Србија, Република Словенија, Република  Турција, Република Црна Гора, Босна и Херцеговина и секако од Република Македонија. Интернационалната Тортијада имаше натпреварувачки карактер, а оваа Манифестација се одржа во два дела ревијален и официјален кога на најдобрите торти и слаткари им беа доделени признанијата за нивниот труд.

На годинешната Тортијада учествуваа 18 аматери и 19 професионални слаткари, нивните торти ги оценуваше публиката, но и стручно жири во состав: Орце Петкоски (претседател и професионален долгогодишен готвач) и членовите Иван Брадиќ од Република Хрватска и Валентина Георгиевска од Република Македонија, а темите на кои што твореа годинешните учесници на Интерскопкејкс беа: свечени или ексклузивни торти и детски торти.

Првите три места од публиката ги освоија Наџа Радомировиќ, Слаткарницата од Битола „Слатка куќа“ и слаткарата „Турист“. Публиката најмногу од своите гласови ги даде за тортите на аматерите слаткари и тоа: Галена Петковска, Љубинка Станишиќ, додека пак првото место и припадна на Горица Јоцева.

Жири комисијата ги оценуваше тортите на професионалците и заклучи дека најдобра торта работена по темата „детска“ е онаа на слаткарницата „Дела Боса“, второто место го зазеде „Слатки осмех“, а на трето место се најде Хотел „Парк“ од Будва, додека пак првите три места на тема „ексклузива“ им припаднаа на тортите што ги изработија слаткарите од : слаткарницата „Наполеон Лотос“, слаткарата „Дра-Го“ и Институт „Нишка бања“.

Во областа „детски торти“, според мислењето на жири комисијата, првите три места им припаднаа на слаткарите аматери: Катерина Алексовска, слаткарницата „Слатки осмех“ и на Горица Јоцева, додека пак на темата „свечени торти“, најдобро слаткарски се изразија: Зорица Николиќ, Мерима Ризвановиќ и Елизабета Здравковска. Вчера беа доделени и неколку признанија како за „најдобра композиција“ беше наградено Здружението на угостителски и туристички работници на Град Ниш, потоа за најмлад учесник беше наградена 10 годишната Магдалена Алексовска, „најдалечната торта“ дојде од Република Турција, а ја направи Абдулаи Ѓултен, „најтематската торта“ беше онаа на Весна Трајановска додека автор на „најтрадиционалната“ е Љубинка Станишиќ.

Во знак на Благодарност кон покровителот на оваа Манифестација, Градот Скопје,
Мики Ангеловски од ХО „Ангелчиња“, на г-динот Ќосев, како претставник на институцијата која што безрезервно ја поддржува организацијата и реализацијата на Интерскопкејкс, му додели плакета, а благодарница, Градот Скопје доби и од Здружението на туристички и угостителски работници на Ниш, за исклучителен придонес во афирмацијата и развојот на угостителско-туристичката дејност во градот Скопје.

You May Also Like