Четиринаесетти Меѓународен тамбурашки фестивал во Куманово

На градскиот плоштад во Куманово од четврток до сабота 14-ти пат ќе се одржи Меѓународниот тамбурашки фестивал.

На трите фестивалски вечери ќе настапат познати тамбурашки оркестри од земјата и регионот.

– Првата вечер ќе биде посветена на 35 години од кариерата на нашиот сограѓанин и естраден уметник Нино Величковски, а петок и сабота ќе бидат посветени на тамбурашките оркестри. Организацијата на овој фестивал е на Фондацијата за култура и спорт, а под покровителство на општина Куманово, пренесоа од локалната самоуправа.

Заедно со Величковски на првата вечер ќе настапат Виолета Томовска, Маргица Антевска, Октет Куманово, Наум Петревски, Сандра Милковска, како и тамбурашките оркестри „Велос“ од Нови Сад, Република Србија и „Пријатели“ од Скопје.

На 24-ти август, гости ќе се „Кумановски тамбураши“ со солистите Сандра Милковска и Нино Величковски, Тамбурашкиот состав Рубато од Пожега, Република Хрватска, Градскиот тамбурашки оркестар Пљевље од Црна Гора со солистите Нина Стругар, Дејан Шкулетиќ и Мугдин Нухановиќ, како и тамбурашкиот оркестар Велос од Нови Сад победници на Светскиот тамбурашки фестивал.

Третата и последна фестивалска вечер ќе ја отворат Радовишки тамбураши, Ансамбл на Здравко Ќосиќ од Бања Лука, како и тамбурашките оркестри Ужице и Вараждински тамбурашки оркестар.

Од буџетот на општина Куманово за организација на 14-то издание на фестивалот се одвоени 800.000 денари, додека 150.000 денари се од Министерството за култура.

You May Also Like